Стартуваат нокаут бараж -мечевите
Со денешните и утрешните бараж нокаут мечеви ќе се комплетираат Првата и Втората фудбалска лига за новата сезона. В недела на Градскиот стадион во Скопје, Силекс и Беласица ќе се борат да обезбедат место во Првата лига, а во Битола на стадионот под Тумбе кафе со исти желби ќе играат Башкими и Миравци. И двете средби почнуваат во 16.30 часот.
На трите терени во градовите низ земјава, денес (сабота) се играат бараж натпреварите за влез во Втората фудбалска лига. Во Кавадарци, се среќаваат Локомотива (Скопје) - Осогово (Кочани), во Струмица играат Лепенец (Скопје) - Новаци и во Прилеп ќе се сретнат Кожув (Гевгелија) и Љуботен (Тетово). Победниците од сите овие натпревари ќе станат нови членови на Првата и Втората фудбалска лига. Доколку некој натпревар заврши без победник се игра продолжение од 2 пати по 15 минути, а потоа доколку повторно резултатот биде нерешен ќе се изведуваат пенали.
Тешко е да се рече кој е фаворит на овие нокаут натпревари бидејќи поправен испит нема. Интересно е да се напише дека Силекс во последните три сезони по трет пат игра во баражот за опстанок во Првата лига, додека Беласица по неколку неуспешни сезони ќе се обиде повторно да се најде во прволигашкото друштво. Тежок ќе биде и натпреварот меѓу Башкими и дебитантот во Втората лига, Миравци, кој во изминатото првенство покажа дека има сили дури и за прволигашките натпревари. Од кандидатите за второлигашкото друштво фаворити се Осогово и Кожуф, кој ќе биде засилен со поранешниот репрезентативец на Македонија, Бобан Бабунски, и Новаци кое веќе има второлигашко искуство. (М.М.) |