Нова сала, стар ривал, нова надеж
Македонските ракометари оптимисти пред неделниот прв дуел со Исланд од баражот за СП
Роберт Димитриевски
„Ако дадеме 80-100 проценти од тоа што го знаеме и можеме, ветувам победа со три-четири гола разлика“, ја подгрева капитенот Кирил Лазаров и така зовриената атмосфера пред првиот натпревар со Исланд од баражот за Светското ракометно првенство, кој ќе се одигра в недела од 20,15 ч. во новата сала „Борис Трајковски“. „Нема што да загубиме. Не треба да се оптоваруваме со Исланд, туку вниманието да го насочиме кон нас самите. Јасно ни е дека тие се фаворити, 60 минути играат со најмногу 5-10 отсто без осцилации, но од нас зависи дали ќе го извлечеме нашиот максимум и на крајот ќе се радуваме“.
Најдобриот македонски ракометар вели дека му е посебно мило што ќе бидат првиот спортски колектив од Македонија што ќе игра во новата сала изградена за декемвриското Европско првенство за ракометарки. Тој упати и посебен апел до навивачите.
„Апелирам до нив да не ни наметнат притисок од самиот почеток, односно да не не' тераат да бркаме разлика од 5-6 гола во наша полза, бидејќи имаме лошо искуство со зачувувањето на предноста. Првото полувреме нека заврши нерешено или со наше водство со еден до два гола, а така нека продолжи и до периодот меѓу 40 и 55 мин. и тогаш нека ни дадат максимална поддршка за да направиме бум“, вели првиот стрелец во Лигата на шампионите. За квалитетите на добро познатиот ривал вели: „Исланѓаните подобро играат на гости отколку дома, каде што приоѓаат поопуштено и со доза на потценување на противникот. Ветеранот Стефансон е главна алка, мотор на екипата, но има уште три-четири играчи што веќе неколку години играат во најсилните европски лиги - германската и шпанската“.
Поумерен оптимист од капитенот е пикерот Ванчо Димовски.
„Знаеме како ги поминавме зимските квалификации и каде ќе бевме сега ако не го добиевме рулетот во Португалија. Два меча не' делат од СП, во кои треба да се влезе со 120 проценти, но не безглаво. Според рејтингот, Исланд е во предност, но денес нема фаворити пред натпревар. И ние знаеме да играме ракомет“, смета Димовски. „Лично, посакувам да го покажеме тоа што го знаеме, па да не ни биде криво и ако не успееме. Посакувам победа со три-четири гола разлика, но да не заборавиме дека во последните три баража немаме победа на домашен терен. Во прилог ни оди тоа што се' уште го слават пласманот на ��лимписките игри, како и тоа дека во сите три баража досега беа подобри од нас, па може полабаво да влезат во мечот“.
Селекторот Иле Темелковски се воздржува од лицитирање со резултатот што би ни одговарал пред реваншот на 15 јуни во Рејкјавик.
„Секаква победа е од големо значење, па и минимална. Бев во Стручниот штаб во последниот бараж-двомеч со Исланд во Прилеп и во Рејкјавик за СП 2003 и мислам дека никогаш не сме биле поблиску до нив од сега. Но, се' мора да функционира беспрекорно, да бидеме смирени и да не подлегнеме на атмосферата. Преполната сала значи зголемен мотив, но и притисок“, резонира Темелковски.
Ракометната федерација на Македонија за оваа средба пуштила во продажба само 800 влезници по симболична цена од 100 денари, а другите ги поделила на спонзорите, како и на навивачките групи „Комити“, „Пирати“, „Лозари“ од Кавадарци, на навивачите од Светски Николе итн. Генералниот секретар Марјан Начевски сите нив ги замоли: „Да се чува новата сала како својот дом“.
Натпреварот Македонија - Исланд ќе го води една од најдобрите европски судиски двојки Висенте Брето Леон и Хосе Антонио Уелин Трилјо од Шпанија.
Агенцијата за млади и спорт ќе ги награди ракометарите со вкупна сума од 20.000 евра за пласман на Светското првенство што в година ќе се одржи во Хрватска. Ќе има и награда од Ракометната федерација на Македонија, но генералниот секретар Марјан Начевски не ја открива висината, нагласувајќи дека самите репрезентативци побарале за тоа да се разговара по евентуално избореното учество на мундијалот. |