Бостон поведе против Лејкерси
Пол Пирс јунак на победата на „селтикси“ со 98:88 во првиот меч од финална серија за шампионскиот прстен
Екипата на Бостон ја започна операцијата наречена „освојување на 17. НБА титула“ со победа (98:88), на првиот финален меч од годинашното НБА издание против традиционално незгодниот противник, тимот на Лос Ангелес Лејкерс на домашен паркет. Во минатото Лари Брд и Меџик Џонсон ги испишуваа брилијантните страници во историјата на најдобрата светска кошарка, а сега истото тоа го чинат Пол Пирс и Коби Брајант. Финалето помеѓу Бостон и Лејкерс барем според она што го покажаа актерите на првата средба, најверојатно ќе биде реприза на случувањата од пред точно 21 година. Тогаш лејкерсите тргнаа со победа во првиот меч на домашен паркет и стигнаа до 4:2 во финалната пресметка. Сега улогите се сменија и според сценариото фаворитската улога ја доби составот на Бостон кој стартуваше со триумф на домашен паркет.
Кевин Гарнет беше најефикасен во победничкиот тим со 24 постигнати кошеви, и 13 реализирани скокови, меѓутоа јунакот во редовите на оваа екипа на првата средба беше Пол Пирс кој постигна 22 поени (од кои 11 во финишот на мечот, по спектакуларното враќање на паркетот, откако беше изнесен надвор поради повреда на коленото во средината на третиот период по судирот со соиграчот Кендрик Перкинс).
Стегна заби, се врати во игра и го однесе тимот на Бостон до победата, во мечот со екипата чии натпревари како млад најчесто ги гледал во неговиот роден Лос Ангелес.
„Во тие моменти буквално се ми пројде низ главата. Го гледав коленото и мислев дека ништо не може да ми помогне. И тогаш се случи она невозможното, а јас блеснав кога беше најпотребно“, ги прераскажа веднаш по завршувањето на мечот Пол Пирс, најтешките моменти кога беше изнесен од паркетот поради повреда.
И навистина сите присутни во салата беа преплашени за тоа што ќе се случи со него. „Помислив дека ќе се случи она најлошото, кога видов со каква гримаса на лицето го изнесуваат од паркетот“, призна тренерот на селтикси, Док Риверс. Веднаш по враќањето на паркетот, Пирс ги „запали“ 18-те илјади навивачи - откако погоди две тројки за само 22 секунди за водство на неговиот Бостон од 75:71.
На спротивната страна пак, МВП играчот на регуларниот дел од сезоната, Коби Брајант не се прослави баш најмногу на оваа средба. Постигна 24 кошеви, и заедно со корпулентниот Гарнет беше најефикасен играч ��а натпреварот, меѓутоа мора да се напомене дека Коби имаше катастрофален процент на реализиран шут 9/26. Дерек Фишер и По Гасол постигнаа по 15, а Ламар Одом застана на 14 кошеви.
И покрај колективното неискуство кога станува збор за едно НБА финале, Селтикси во ниту еден момент не покажаа ниту трошка на нервоза, дури и во моментите кога се кршеше резултатот на натпреварот. Следниот меч меѓу Бостон и Лејкерс е на програмата во недела навечер, а средбата повторно ќе се одигра во Бостон. |