МПМ подарува книги за училишни библиотеки
Со донација на збирка книги од Петре М. А��дреевски, „Медиа Принт Македонија“ вчера почна со акцијата „Збогатување на училишните библиотеки на средните училишта во земјава со изданија на МПМ“. Акцијата се организира по повод почетокот на учебната година, а со неа се опфатени вкупно 130 институции, меѓу кои училишта, центри за згрижување деца без родители и установи за згрижување деца со попреченост во развојот.
„Сите мора да вложуваме максимални напори со цел образованието да биде поквалитетно, бидејќи тоа не е обврска само на оние што се службено платени за тоа. Сите сме одговорни и должни да помогнеме за зголемување на квалитетот на образованието за да можеме да се натпреваруваме со сите држави во светот“, рече д-р Срѓан Керим, генерален директор на „Медиа Принт Македонија“, на вчерашната свеченост на која присуствуваа претставници на скопските приватни и јавни училишта.
„Образованието не смее да биде привилегија, туку обврска и право на секој човек да може да го достигне врвот без разлика што живееме во електронската ера“, додаде тој.
Керим им посака на учениците успешна учебна година, потенцирајќи дека без книгата, сите остануваме посиромашни во идеите. Според него, интересот за книгата кај читателите се потврдил и со претходните изданија што ги издаде МПМ, споменувајќи ги Енциклопедија Британика, изданијата „Руски класици“ и „Бисери на светската книжевност“.
Вчера беа донирани книги за вкупно 32 средни скопски училишта. Акцијата на МПМ од денеска продолжува и во внатрешноста, а ќе бидат донирани комплети од изданијата „Бисери на светската книжевност“. (Ж.Х.З.) |