Словачки испит за македонската зрелост
Вечерашниот старт во квалификациите ќе покаже колку се реални амбициите за пласман на ЕП 2012
Од нашиот известувач Сашко Ѓ. Димовски
БРАТИСЛАВА - Фудбалската репрезентација на Македонија посакува да се повтори романското сценарио од Бишофсхофен вечерва од 20,30 ч. (пренос на МТВ 1) на стадионот „Пасиенки“ во Братислава против домаќинот Словачка. Тоа значи брз гол и формирање „берлински ѕид“ пред нашиот гол што противникот тешко би го пробил.
Стартуваат квалификациите за Европското првенство 2012 во Полска и во Украина, кои треба да значат напуштање на досегашниот курс на нашиот национален тим – четврто место во групата. Сега тоа јавно го порачуваат репрезентативците и овде во Братислава и преку договорот за награди во циклусот што ќе ги има за освоено прво, второ или трето место. Пласман подолу не ги интересира нив, не не' интересира ни нас. Отворено се говори дека ќе се оди на резултат, играта паѓа во втор план, важни ќе бидат бодовите, а дали до нив ќе се стигне со игра за око и акции од учебници или спротивно на тоа не е важно. Затоа не е важно дали до успех ќе се стигне со офанзивна или со дефанзивна игр��. Три бода се три бода, нема да биде лошо да се вратиме дома и со бод.
„Дојдовме овде за да дадеме гол. Ќе се обидеме да го сториме тоа. Дојдовме овде со наша филозофија на игра и нема да отстапиме од неа. Ништо нема да менуваме, иако сме свесни дека ќе биде тешко. Играме против репрезентација која за некои беше изненадување на Светското првенство, но не и за мене. Словачка има добра селекција на играчи, добар селектор, тимот има карактер, во преден план избива колективот, а тој секогаш исфрла на површина поединец кој може да реши натпревар, без разлика дали тоа е Хамшик, Витек, Сток, Вајс“, изјави селекторот Мирсад Јонуз на вчерашната прес-конференција во комплексот „Пасиенки“ во Братислава. Тој не сакаше да говори во детали за составот, играта, тактиката, од причина што словачките медиуми присуствуваа во голем број на пресот. Но, куртоазно или не, обајцата селектори ги испофалија обете репрезентации.
„Словаците имаат млад тим, но со искуство од вакви натпревари и со право очекуваат пласман на Европското првенство. Играат дисциплинирано, трпеливо, но ние сме тука да се обидеме да ги нарушиме нивните сметки. Би бил најсреќен кога би победиле. Но, тоа однапред не може да се каже, бидејќи како што е животот авантура, истото важи и за фудбалот“, дополнува Јонуз. „Групата е тешка, противниците се сериозни. Ќе има многу изненадувања, психолошкиот притисок ќе биде присутен кај сите“.
Братислава во средата не' дочека во тишина. Словачката престолнина беше невообичаено глува, а улиците пусти. Неработниот ден и тивкоста беа резултат на поради националниот празник – Ден на конститутивноста на словачката држава. Се надеваме дека така тивки ќе ги оставиме и вечерва со реми, па зошто не и победа.
Прва ѕвезда во словачкиот состав е играчот на Наполи, Марек Хамшик. Но, тој не е единствениот во кој Словаците полагаат надежи. Тука се Сток, Вајс, синот на селекторот на Словачка.
„Хамшик игра во еден од подобрите клубови во Италија. Добар фудбалер е. Тоа важи и за целата словачка селекција. Ја гледав на СП во Италија. Имаат квалитет, но го имаме и ние. Ќе биде тежок натпревар, но предавање нема. Можеме да одиграме на резултат. Го покажавме тоа многу пати досега. Искуство имаме, групата е тешка, но истовремено ни дава шанса да покажеме дека можеме против секого. Редно време е нашата репрезентација да постигне добри резултати во еден квалификациски циклус. Ова е нов почеток за нас, се надевам со многу подобар крај од досегашните“, порача нашиот капитен Горан Пандев и дополни: „Имав напорни подготовки во САД и од пред две недели сум во натпреварувачка форма. Не сум сто отсто на потребното ниво, но подготвен сум и расположен да дадам се' од себе за Македонија, како што беше и досега“.
Словаците се оптимисти и самоуверени дека ќе прокнижат три бода. Но, во нивните изјави може да се препознае внимателност. Селекторот Владимир Вајс посочи дека има проблеми со составот. Првично отпаднаа Чех и Шестак, сега веројатно останува и без услугите на Витек и на Оравец, но верува дека сите останати што ќе ја добијат неговата доверба и ќе ја оправдаат.
„Дуелот со Македонија е од големо значење за нас. Очекуваме победа, но не лесна. Играчите се наоѓаат во добра форма и верувам дека ќе го освојат планираниот плен. Повредени се Витек и Оравец, чиј што настап е неизвесен. Македонија има неколку добри фудбалери, пред се' Пандев, потоа Попов... Мораме да бидеме внимателни бидејќи Македонците дојдоа тука со добри резултати во изминатиот период. Сепак верувам дека квалитетот е на наша страна и дека ќе успееме да победиме. Само треба да бидеме внимателни. Се наоѓаме во тешка група, затоа е важно добро да стартуваме. Математики ќе има доста до крајот, сите репрезентации имаа свои сметки“, изјави Вајс.
Стојков отпадна поради повреда, ГрнЧаров неизвесен Ацо Стојков отпадна од комбинација за вечерашниот натпревар во Братислава. Напаѓачот на швајцарски Арау има повреда на зглобот на ногата што ја влече веќе подолго време, а ја обнови во последната проверка во Ла Валета против репрезентацијата на Малта. Тој е овде со репрезентативците, ги одработи тренинзите деновиве, но не е сто отсто подготвен да одговори за вечерашниот предизвик.
Неизвесен е настапот и на Бобан Грнчаров. По двата одработени тренинзи во средата дефанзивецот на кипарски АПОЕЛ се пожали на болки во ципите, дали ќе биде во можност да им помогне на соиграчите Јонуз требаше да реши по синоќешниот тренинг. Во случај и тој да отпадне од комбинација, одбраната веројатно ќе ја сочинуваат Попов по левата страна, Митрески и Новески како централни дефанзивци, лево би играл Тодоровски од Рад.
Агим Ибраими во Братислава потпиша за Ескишехир
Довчерашниот играч на љубљанска Олимпија, Агим Ибраими, за кого се говореше дека останува во Словенија, но во тимот на Марибор, продолжува во Турција. Во средата во Братислава тој потпиша договор со турскиот прволигаш Ескишехир кон кого се обврза на верност во наредните две години со можност за продолжување на соработката за дополнителни две. Тој беше последниот фудбалер во репрезентацијата чиј клупски ангажман се' уште не беше решен што беше главен предуслов за повик во националниот тим.
Игор Митрески
„Прв меч е. Тешко е да се игра против селекција каква што е Словачка. Знаеме кои се Словаците, каде беа летово и до каде стигнаа. Атмосферата е на високо ниво, имавме добри услови за работа овие денови во Братислава. Најголем дел од нас сме во добра форма, имаме клубови, играме. Најважно е да го дадеме максимумот бидејќи е прв меч, старт на нов циклус. Да проработат напаѓачите, ние во одбраната да одговориме на обврските, колегите од средниот ред да го затвори противникот по страничните позиции. Има добра атмосфера во репрезентацијата, долги години сме заедно, добро се познаваме еден со друг, помладите колеги се одлично прифатени, добро ги извршуваат поставените задачи“.
Николче Новески
„Важно е да одиграме добро. Ова е старт на нови квалификации. Оптимист сум, но мора да останеме концентрирани. Ако успееме да ја наметнеме нашата игра, ќе биде добро. Словачка има репрезентација за респект меѓутоа истото важи и за нас. Имам двајца Словаци, соиграчи во Мајнц. Деновиве често разговаравме за претстојниот меч и можам да кажам дека не им е сеедно. Се гледаат како фаворити, но претпазливи се. Знаат доста за нас, очекуваат победа, но свесни дека ќе им биде тешко. Нема да не' потценат ниту, пак, ние нив. Ние дојдовме да победиме, како и во секој натпревар, се надеваме дека ќе успееме во тоа овојпат. Фокусирани сме кон нас, нашата игра, добро работевме овие денови во Братислава, да ја задржиме смиреноста, атмосферата е одлична, ги имаме сите предуслови за добар резултат. Се надевам дека ќе биде така“.
Марио Ѓуровски
„Ова е прв сериозен предизвик за мене во македонската репрезентација. Словачка е првиот квалификациски меч. Од дебитантскиот повик мина речиси една година. Тоа беше мечот со Катар, но не играв тогаш. Првите минути во македонскиот рес ги имав во Австрија во дуелите со Азербејџан и Романија, потоа следуваше и Малта. Постигнав и еден гол. Задоволен сум од она што го гледам овде. Одлично сум прифатен, имаме одличен тим, кој и тоа како може да биде конкурентен. Владее одлична атмосфера која ретко може да се види на друго место. Овде се чувствувам одлично и едвај чекам да почнат квалификациите. Сите сме како едно. Очекувам да добијам шанса вечерва и истата да ја искористам на најдобар можен начин. Не летаме во облаци, на земја сме. Словачка има добра репрезентација, меѓутоа добри сме и ние. Верувам дека ќе извлечеме поволен резултат“. |