Хрватска надвор од борбата за медали
По поразот од Шведска, полуфиналето на 22. СП за ракометари недостижно за вицешампионот
На своето прво големо натпреварување по десетина години без трофејниот Лино Червар на клупата, Хрватска ќе си замине без медал од 22. Светско првенство за ракометари во Шведска. Поразот на светскиот и европски вицешампион од домаќинот од 29:25 во второто коло од главната фаза ја расчисти ситуацијата во втората група, од која во полуфиналето веќе се Данска и Шведска. Скандинавскиот дуел вечерва ќе решава само за победникот во групата, во која Данците водат пред Швеѓаните.
За својата трета победа во низа по тие над Полска и над Србија „трите круни“ се изборија со неутрализирањето на двајцата најдобри хрватски ракометари Ивано Балиќ и Игор Вори, кои наидоа на непробоен ѕид во средината од Тобијас Карлсон и Магнус Јернемир. На голот, пак, царуваше Јохан Сјестранд, кој средбата ја заврши со 23 одбрани, за разлика од Алиловиќ и Шего, кои заедно одбранија само седум удари.
На висината на задачата кај Хрватите беше само десното крило Ведран Зрниќ, кој во првото полувреме постигна шест гола и имаше ефект 4/4 од седмерци, а натпреварот го заврши како најефикасен играч на теренот со девет погодоци. Во спротивниот табор се издвои Далибор Додер со осум прецизни шутеви.
Веќе во 35 минута почна да се насетува победникот, кога домашните ракометари стигнаа до водство од 17:12 по израмнетото прво полувреме, во кое ниту еден од двата тима не се одвои на повеќе од еден гол разлика. Со неколку измени во нападот Хрватите се доближија до 17:19 во 43 мин., но во продолжението не ги искористија шансите за целосен резултатски приклучок. Додер ја презеде одговорноста во шведскиот напад и со својот седми гол ја зголеми предноста на 22:18, а кога Јонас Лархолм зголеми на 25:20 „експлодира“ арената во Малме и тоа беше знак за Славко Голужа да свика тајм-аут осум минути до крајот. Прекинот дејствуваше отрезнувачки за неговиот тим, кој со три гола во низа ја врати неизвесноста, но повторно Додер ја уништи последната искра надеж кога биеше прецизно за 27:24 во 56 мин.
Карол Бјелецки беше јунакот на победата на Полска против Србија од 27:26. И без едно око, кое го изгуби во дуел со Хрватот Чупиќ во пријателски меч минатата година, Бјелецки го најде патот до српската мрежа пет секунди до крајот.
Данците, пак, не му дадоа ни шанса на најпријатното изненадување на првенството Аргентина, совладувајќи ги „гаучосите“ со 31:24. Токму Данска води во групата со максимални 8 бода, пред Шведска со 6, Полска со 4, Хрватска со 3, Аргентина со 2 и Србија со 1.
Денеска на СП
Втора група: Хрватска - Полска (18,15 ч.), Србија - Аргентина (20,15 ч.), Данска - Шведска (20,15 ч.). |