Долгополов го исфрли и Содерлинг
Украинецот го направи најголемото изненадување во осминафиналето славејќи против 4. носител со 1:6, 6:3, 6:1, 4:6 и 6:2
По победата над четвртиот носител на Австралија опен Робин Содерлинг, Александар Долгополов (22), 46. играч на АТП-листата, стана првиот Украинец учесник во четврт-финалето на еден Гренд-слем тениски турнир по Андреј Медведев во 1999 година, тогаш и финалист на Ролан Гарос.
„Знаете јас уживам во тенисот, играм слободно. Тоа понекогаш се исплаќа. Се борам за секој поен, се обидувам на теренот да правам вистински работи“, изјави сензационалниот победник.
Робин Содерлинг имаше проблеми со плускавци, и во четвртиот сет побара лекарска помош. Но, тој детаљ не го обвини за сопствениот пораз. Победникот на турнирот во Бризбејн го загуби својот прв меч во 2011 година. Во досегашните осум победи (пет во Бризбејн, три во Мелбурн парк) Содерлинг не загуби ниту еден сет.
Од друга страна, невидена е леснотијата на победување на Шкотот Енди Мари, минатогодишниот финалист на Австралија опен и противник на Долгополов во четврт-финалето, кој за само еден час и 44 минути го исчисти од теренот Австриецот Јирген Мелцер, препуштувајќи му само пет гема.
Немоќниот Австриец, 11. тенисер во светот, кој по Австралија опен првпат ќе влезе во топ-10 на светскиот тенис, можеше само немоќно да го скрши рекетот откако го загуби и вториот сет. Но, ниту тоа не му помогна против фантастичниот Мари, кој во досегашните дуели во Мелбурн парк лесно ги минува противниците и се наметнува како еден од тенисерите блиску до финалето, но и до титулата.
„Против Долгополов може да биде тешко. Многу е чудно да се игра против него. Игра во некаков фанки стил“, изјави Мари за својот претстоен меч.
Во осминафиналето застана патот на 20-годишниот канадски квалификант со црногорско потекло Милош Раониќ. Иако го доби првиот сет со 6:4 младиот Канаѓанец не му пружи добар отпор на седмиот носител Давид Ферер во преостанатите три сета. По 156 минути игра мечот го заврши со пораз и 68 неизнудени грешки за конечни 6:4, 2:6, 3:6, 4:6. Во четврт-финалето ќе видиме и шпански дуел. Имено, Ферер ќе му се спротивстави на првиот светски рекет, Рафаел Надал, кој во осминафиналето беше убедлив против Хрватот Марин Чилиќ и славеше со 6:2, 6:4 и 6:3.
Австралија опен, осминафинале, тенисери:
Долгополов - Содерлинг (4) 1:6, 6:3, 6:1, 4:6, 6:2, Мари (5) - Мелцер 6:3, 6:1, 6:1; Ферер (7) - Раониќ 4:6, 6:2, 6:3 и 6:4, Рафаел Надал (1) - Марин Чилиќ (15) 6:2, 6:4, 6:3.
На женскиот дел од турнирот, Русинката Вера Звонарева, Чехињата Петра Квитоава и Полјачката Агњешка радванска со новите учеснички во четврт-финалето на Австралија опен. Вера Звонарева (26) втора носителка и втора тенисерка во светот, по еден час и 16 минути игра ја совлада Чехињата Ивет бенешова со 6:4 и 6:1 изборувајќи четврт-финале на еден Гренд-слем три пати едноподруго. На последните два, во Вимблдони УС опен играше финале.
Соперничка за полуфинале ќе и биде другата Чехиња, 20-годишната Петра Квитова, која по Саманта Стосур, ја надигра и Италијанката Флавија со 3:6, 6:3 и 6:3. Импресивно изгледа односот на победнички поени (вклучувајќи го и сервисот) на Квитова во однос на Пенета: 46:16! За Квитова, минатогодишна полуфиналистка на Вимблдон, како и на Звонарева, ова ќе им биде прво четврт-финале во Мелбурн. Но, не и за 21-годишната Полјачка и 12. носителка Агњешка Радванска, која во три сета ја надигра Кинеската Шуи Пенг со 7:5, 3:6 и 7:5. Радванска во четврт-финалето веќе беше во 2008 година, а сега ќе игра против третиот светски рекет, Белгијката Ким Клајстерс која во осминафиналето беше подобра од Екатерина Макарова со 7:6 и 6:2.
Осминафинале, тенисерки:
Радванска (12) - Пенг 7:5, 3:6, 7:5, Квитова (25) - Пенета (22) 3:6, 6:3, 6:3, Звонарева (2) - Бенешова 6:4, 6:1, Клајстерс (3) - Макарова 7:6, 6:2. |