Успешен тест за ракометарките
Крајова совладана со 28:27 и со 27:22, од денеска во Дојран без Десподовска и Гроздановска
Роберт Димитриевски
Женската ракометна репрезентација на Македонија славеше со 28:27 и со 27:22 во контролниот двомеч со Крајова, со кој беше заокружена првата половина од завршните подготовки за мундијалските квалификации во Драма претстојниот викенд. Екипата што во моментов е претпоследна во најсилната романска лига со 14 тима, а во петокот го совлада Жито Прилеп со 28:22, се покажа солиден спаринг-партнер за избраничките на селекторот Гино Стрезовски во единствената проверка пред турнирот во Грција. Романките во првата средба водеа и со 22:19, а имаа и напад од 15-тина секунди за победа, но Новеска пресече топка и ја проигра Кресоја, која контранападот го реализира буквално во последната секунда. Вториот меч, пак, целосно им припадна на македонските ракометарки, кои во неколку наврати имаа и предност од девет гола. Илкова го пропушти првиот тест поради замор по доаѓањето од Турција, а Мечевска ја немаше на вториот поради распараната уста во првата средба, за што доби неколку конци.
„Задоволен сум од прикажаното, иако до турнирот во Грција ќе треба да ја подигнеме играта барем за уште десет проценти. За овие 4-5 дена ја забрзавме играта, што резултираше со брзи и лесни голови против Крајова, но мора да бидеме посигурни во полуконтрите, кои треба да бидат нашето главно оружје“, сублимира Стрезовски. „Ацковска е пристојна замена за Пецевска на лево крило, а на вториот меч се опушти и Охоланга“.
Позитивните оценки за алтернативата за повредениот капитен значеа и изоставување на Десподовска за финалето на подготовките од денеска во мотелот „Истатов“ во Дојран. Таму нема да патува ни Гроздановска, но ќе се приклучи Црвенкоска, која со Салерно вчера имаше првенствен дуел во Италија. За Драма се патува в четврток наутро.
Македонија - Крајова 28:27
Полувреме: 14:9. Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Начевски и Николов. Седмерци: Македонија 2/2, Крајова 9/13. Исклучувања: Македонија 6 мин., Крајова 6 мин.
Македонија: Наумоска, Зашовска, Андреева, Наковска, Мечевска 5, Ацковска, Гроздановска 1, Кресоја 3, Папуџиева 1, Младеновска, Д. Ѓорѓиевска, Бајрамовска 6, Портјанко 4 (2), Десподовска, Е. Ѓорѓиевска 4, Новеска 4, Штериова, Охоланга, Илкова. Селектор: Гино Стрезовски.
Крајова: Влашчеану, Барбу, Јаломитеану 4, Михалшини 3, Пана, Илие, Бора 2, Бришчан 12 (5), Константине 3 (3), Гогорица, Преда 1, Балица 1 (1), Нику, Крап. Тренер: Николае Драганоју.
Македонија - Крајова 27:22
Полувреме: 14:7. Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Илиева и Карбеска. Седмерци: Македонија 7/8, Крајова 6/7. Исклучувања: Македонија: 6 мин., Крајова 4 мин.
Македонија: Наумоска, Зашовска, Андреева, Ацковска 1, Гроздановска 1, Кресоја 2, Папуџиева 2, Младеновска 1, Д. Ѓорѓиевска, Бајрамовска 2, Портјанко 6 (6), Десподовска 1, Е. Ѓорѓиевска, Новеска 4 (1), Штериова 2, Охоланга 3, Илкова 4.
Крајова: Влашчеану, Барбу, Јаломитеану, Михалшини 2, Пена, Илие 2, Бора 4, Бришчан 7 (6), Константине 1, Гогорица 2, Преда 1, Балица 1, Нику, Крап 2. |