„Ел класико“, дерби на живот и смрт
Вечерва на „Ноу камп“ Барселона и Реал ја вкрстуваат својата историја по 161. пат
Гвардиола на Мурињо, Меси на Роналдо, Вилја на Игуаин, Каталонија против „кралскиот клуб“ или едноставно, Барселона против Реал. Вечерва на програмата е 161. судир на двата најголеми шпански клуба, а не се памети кога во Европа владеело поголемо интересирање за легендарниот дерби „Ел класико“.
Многу време мина откако Едвард Смит-Стенли, лорд од Дерби, во 1780 година со пријателите во Епсом, организираше трка на тригодишни коњи, која и денес во негова чест се нарекува Дерби. Денес, две стотини и триесет години подоцна, дерби се нарекува секој двобој на традиционалните ривали во кој било тимски спорт. Ако во таа 1780 година дерби значеше само коњска трка, денес, чест, слава и должно почитување на коњите, вистинско дерби е само она фудбалското.
Некој во една пригода рекол дека фудбалот е прашање на животот и на смртта. „Фудбалот е многу повеќе од тоа“, изјави своевремено легендарниот Бил Шенкли, човекот кој го создаде големиот Ливерпул. Фудбалот е повеќе од живот, дербито е поголемо од фудбалот, а „Ел Класико“, поголемо од дербито.
Коренот на ривалството на двата најголеми шпански клуба, како секогаш и секаде кога станува збор за дербито, нема врска со фудбалот - тој ќе дојде на крајот - а се јавува во времето пред шпанската граѓанска војна. Дотогаш, двата тима ги заземаа рововите. Мадрид ФЦ како симбол на Кастилја, режимски клуб - на кој кралот Алфонс десетина години порано ќе му го додели службениот атрибут „Реал“, „кралски“, иако првата титула, иронично, ќе ја освои дури со прогласувањето на Републиката, и Барселона како симбол на Каталонија, но и отпорот кон супремацијата на Мадрид и фашизмот на генерал Франциско Франко. Ел Генералисимус работата ќе ја доврши со забраната на каталонското знаме и јазикот, како и самата помисла на автономијата на Каталонија. Стадионот на Барселона во Франковата Шпанија ќе остане единственото место на кој можеше да се слушне каталонскиот јазик. А, на тој стадион можеше да се слушне се' и сешто како и исвиркување на шпанската химна. Но, да се доживее и онаа митска победа на Реал над Барселона од 11:1 во вториот меч од полуфиналето на купот. Меѓутоа, вистината вели дека пред почетокот на мечот - по 3:0 за Барселона во првиот, кога мадридскиот печат и јавноста беа шокирани од однесувањето на навивачите на Барса и, замислете, отвореното навивање против Реал, шефот на Франковата тајна полиција со пиштол влегол во соблекувалната на Барселона, потсетувајќи ги Каталонците дека „фудбал играат само благодарение на милоста на режимот, кој им го прости недостатокот на патриотизмот“. Ниту еден час подоцна, на полувремето веќе беше 8:0 за Реал. Повеќе од што го сакаше Реал и фудбалот воопшто, Франко ја мразеше Барселона, како прибежиште на каталонските автономаши и сепаратисти, но и левицата, антифашистите, комунистите, анархистите, синдикалците...
Преломен момент во историјата на Реал, но и вечниот ривалитет со Барселона е штрајкот на фудбалерите во Аргентина. Поради тој штрајк на почетокот на педесетите еден сјаен, но малку познат играч на Ривер Плата замина да игра во Колумбија. Тоа беше Алфредо ди Стефано. Таму го забележаа скаутите на Реал и на Барселона, кои во Шпанија мавтаа со договор. Општата халабука ја разреши ФИФА со бизарна соломонска одлука дека и двата договора се валидни и дека Ди Стефано наизменично ќе треба да игра и за Реал и за Барса. По неколку пријателски меча во дресот на Барселона, Ди Стефано ненадејно потпишал за Реал. Во својот прв настап против Барселона Ди Стефано заби два гола од страшните 5:0 за Реал. Во наредните десет години ќе постигне вкупно 18. Ди Стефано во првата сезона за Реал постигна 29 гола и му донесе титула по цели 20 години. Со него започнува ерата на големиот Реал, но и вистинскиот ривалитет на Барселона на Кубала. Роден е „Ел Класико“, чие 161. издание ќе се случи вечерва.
Дали поради фактот што и двата тима се во извонредна форма, и дека победникот во овој меч, уште вечерва ќе направи голем исчекор кон титулата, или пак поради тоа што овој дуел ќе се игра во понеделник (трет пат во историјата. Првпат пред 46 години, причината беше божик победи Реал, а осум години подоцна лигата реши мечот да се игра во првиот ден од неделата. Славеше Барса со 2:1, но и во двата случаи титулата одеше на конто на Реал), загревањето за натпреварот почна одамна, а кулминацијата следи вечерва. Спектакл е можеби најдобриот збор кој го опишува овој дуел во кој ќе трчаат играчи кои заедно вредат повеќе од една милијарда евра.
Посебен печат на дербито е новиот судир на двајцата најдобри фудбалери на планетата, Меси на едната и Роналдо на другата страна, како и тактичкото надмудрување на тренерските магови, Гвардиола и „специјалниот“ Жозе Мурињо. Знае португалскиот харизматичен тренер дека вечерва нема да биде добредојден на „Ноу камп“. Навивачите на Барселона никогаш нема да му простат што како тренер на Интер им ја одзеде можноста на Каталонците да станат европски прваци на „Сантијаго Бернабе“. Знае Мурињо дека во Барселона е „персона нон грата“, а сите се убедени дека токму тој факт Мурињо ќе се обиде да го претвори во предност за Реал, ако се согласиме дека на теренот, кога станува збор за играчкиот потенцијал, ситуацијата е егал. Со други зборови речено, притисокот и провокациите од клупата на Реал под диригентската палка на Мурињо, односно таквите обиди за дестабилизација на ривалот, може де биде битен фактор за конечниот исход на фудбалската војна меѓу Мадрид и Барселона.
А, таа војна одамна се води и на полето на шпанските медиуми. Кога станува збор за печатените , водечки се „Марка“, „Ас“ и „Спорт“. Првите два се со седиште во Мадрид, а третиот во Барселона. Оттука потекнува и нивната наклонетост кон Реал и Барса. „Марка“ бавејќи се со сите можни аспекти на дербито, потсети дека мечот меѓу Порто и Барселона одигран пред седум години, е значаен поради тоа што деби во дресот на Барселона имаше Лео Меси, најголемата ѕвезда на Барса, додека на клупата на „змаевите“ седеше сегашниот тренер на Реал Жозе Мурињо. Тогаш аргентинскиот суперстар имаше 16 години кога Рајкард го внесе во игра. Порто славеше со 2:0, а тоа беше прва од неколкуте победи на Португалецот против Барселона.
И двата тима направија сјајни увертири пред вечерашниот меч. Барселона во домашното првенство ја разнесе Алмерија со 8:0, додека на гостувањето во Атина, во Лигата на шампионите, триумфираше со 3:0. И избраниците на Мурињо беа во висок ритам и на високо ниво. Прво на свој терен го совладаа Атлетик со 5:1, потоа во Амстердам го декласираа Ајакс со 4:0. Со тоа „галактикоси“ ја продолжија серијата од седум едноподруго победи, која им овозможи лидерско место на табелата, со еден бод повеќе од Каталонците.
И повеќе од доволно за резервација на седиште пред малите екрани и уживање во дербито преполно со историја, емоции, ривалитет, фудбалска омраза и многу пари. (Ф. Ш.) |