Орландо и Бостон рамо до рамо на Истокот
Орландо триумфира кај Вашингтон со 100:99 и се израмни со Бостон на врвот во Источната конференција со 12 победи и четири порази во оваа сезона. Иако гостуваа кај една од најслабите екипи во лигата, сепак, трнлив беше патот до славјето за „магичните“. Одлично го започнаа мечот и ја имаа целосната контрола до третата четвртина во која домашните кошаркари се вратија во живот и обезбедија возбудливост, неизвесност и голема борба на паркетот до последниот звук на сирената. Победа на Орландо ја осигура најголемата звезда во составот од Флорида, Двајт Хауард, кој на четири секунди до крајот го собра отпадокот по промашувањето на соиграчот Џамир Нелсон и поентира за конечни 100:99. Тој беше лидер во победничката екипа со 32 коша, 11 скока и едно додавање, прво име кај визардси беше Џилберт Аренас со 31 поен кон кои придодаде по пет скока и асистенции.
Резултати (недела): Њујорк - Атланта 90:99, Вашингтон - Орландо 99:100, Кливленд - Мемфис 92:86, Филаделфија - Њу Џерси 102:86, Минесота - Голден Стејт 94:104, Далас - Мајами 106:95, Милвоки - Шарлот 104:101, Сакраменто - Чикаго 85:96. |