Петарда за Шалке 04 на „Фриц Валтер“, гол на Новески
Шалке 04 викендот го доживеа најтешкиот пораз во германското фудбалско првенство од 1992 година. Шокот за скапиот состав од Гелзенкирхен му го приреди тимот на Кајзерслаутерн кој на својот „Фриц Валтер“ славеше со 5:0 (Лакиќ 8 и 56 минута, Амедик во 39, Иличевиќ во 76 од пенал и Моравек во 88), резултат што го разбесни тренерот Феликс Магат. Во средата неговите фудбалери го совладаа Олимпик Лион со 3:0 и обезбедија пласман во нокаут фазата во Лигата на шампионите, но по само четири дена беа непрепознатливи, па затоа се најавени санкции за нив.
„За жал на мечот му пристапивме на лош начин. Практички ништо не покажавме. Некои играчи, се чини, и натаму сонуваат за меѓународни мечеви“, огорчен е Магат додавајќи дека поединци во неговата соблекувална не ја доживуваат сериозно Бундеслигата.
„Само Мануел Нојер, Криштоф Мецелдер и Џеферсон сакаа да победат. За останатите играчи немам таков впечаток. Овој резултат ќе има последици. Какви ќе бидат тие се' уште не сум решил, но ќе имам доволно време да размислам за нив“.
Тренерот на Кајзерслаутерн, Марко Курц, не се расфрлаше со зборови, откако неговиот тим го размонтира еден од германските учесници во европската Лига на шампиони.
„Игравме одлично и повеќе од 90 минути. Екипа во целост го примени тоа што заеднички го планиравме. Големи комплименти за изведбата и впечатокот“, рече Курц.
Мајнц 05 се искачи на втората позиција на бундеслигашката табела по триумфот на домашен терен над Нирнберг со 3:0. Свој удел во 10 победа имаше и капитенот и македонски репрезентативец, Николче Новески, кој беше стрелец на вториот гол за својот тим во 54 минута, негов првенец во оваа сезона во 16 настап (14 меча во првенството и два во германскиот куп). Останатите два ги потпишаа Андре Шурле во 27 минута и Сами Алагуи во 86.
Борусија (Д) ја зголеми предноста на врвот и сега има 37 бода, седум повеќе во однос на најблискиот конкурент, Мајнц 05, по победата над Борусија Менхенгладбах со 4:1. Со идентичен резултат славеа и фудбалерите на Баерн Минхен во дуелот со Ајнтрајт Франкфурт. Со овие три бода Баварците имаат 23 и се наоѓаат на петтото место.
Бундеслига, 14. коло
Резултати: Баерн Минхен - Ајнтрахт Франкфурт 4:1, Хофенхајм - Баер Леверкузен 2:2, Кајзерслаутерн - Шалке 04 5:0, Хановер 96 - Фрајбург 3:0, Хамбургер - Штутгарт 4:2, Борусија Дортмунд - Борусија Менхенгладбах 4:1, Мајнц 05 - Нирнберг 3:0. Вчера играа: Вердер - Сент Паули, Келн - Волфсбург.
Табела: Борусија Дортмунд 37, Мајнц 05 30, Баер Леверкузен 26, Хановер 96 25, Баерн Минхен 23, Хофенхајм 22, Хамбургер 21, Фрајбург 21, Ајнтрахт Франкфурт 20, Нирнберг 18, Кајзерслаутерн 17, Волфсбург 15 (-1), Вердер 15 (-1), Сент Паули 14 (-1), Шалке 04 13, Штутгарт 11, Келн 11 (-1), Борусија Менхенгладбах 10. |