Пелистер немоќен во Шпанија
Пелистер очекувано е елиминиран од шпанскиот гигант Реале Адемар во третото коло од Купот на ЕХФ, откако во реваншот во Леон изгуби со 34:22, а во првиот меч во Битола беше 25:22 за гостите. Тимот на македонскиот селектор Звонко Шундовски на двократниот освојувач на Купот на куп-победниците му даде отпор само во почетните 15 минути, кога домаќинот водеше со 9:7. До крајот на полувремето противникот направи серија од 10:2 и на одморот замина со водство од 19:9.
Со убиствени контранапади Реале ��демар во 40 минута ги достигна максималните 16 гола позитива. Моментно третопласираниот тим во лигата Асобал потоа малку олабави и им овозможи на гостите од Македонија да ја ублажат катастрофата. (Р.Д.)
Реале Адемар - Пелистер 34:22
Полувреме: 19:9. Сала: „Палата на спортовите“ во Леон. Гледачи: 2.500. Судии: Леандерсон и Линдрос од Финска. Седмерци: Адемар 5/6, Пелистер 1/5. Исклучувања: Адемар 8 мин., Пелистер 8 мин. Црвен картон: Недановски (3х2 мин.).
Реале Адемар: Јесте, Лосерт, Гони 2, Кару, Монторо 3, Мартинс 6, Гарсија 2, Кастресана 2, Андреу 1, Кривошликов 3, Чернов, Агирезабалага 4, Страновски 7, Чутура 4.
Пелистер: Божиновски, Тоскоски, Петковски, З. Димитровски 1, Недановски 4, Зарков 1, Јанкуловски 3, Петровски 7, В. Димитровски 1, Поповски 1, Унчевски, Митревски 4. |