Ноќта кога Тотенхем излезе од сенката на Челзи и на Арсенал
Фудбалерите на Хари Реднап го надиграа европскиот шампион, а Герет Бејл повторно го збудали Маикон и светот
Наум Котевски
Симпатичниот клуб од Лондон кој срамежливо живее во дабовата сенка на градските ривали Челзи и Арсенал го оддува европскиот шампион Интер од својот „Вајт харт лејн“ (3:1), емитирајќи јасни сигнали дека сезонава по 50 години отсуство од елитата може да биде хит во Лигата на шампиони. „Глори најт он Лејн“! Вака Тотенхем го најави спектаклот на својата интернет страница, барајќи притоа од навивачите да дојдат на стадионот што е можно порано. А, за возврат ќе ги честат со шоу. Речено, сторено. Фудбалерите на Хари Реднап како астилба - билката која токму во сенка раѓа миризливи цветови, ја креираа една од најславните ноќи на својот клуб. Песната на двете збрчкани бабички, кои беа умешно фатени од камерите во пеколот на трибините, бездруго е доказ за традицијата на Тотенхем, но и манифестирање на нивната верба дека оваа генерација има што да остави во аманет. Во нивните гримаси се виде спојот на минатото и сегашноста, но и „враќањето во иднината“.
Кој знае кога последен пат одиграл вака нивниот омилен клуб, против така силен противник. Од првиот момент, контра мислењето на нашиот бивш репрезентативец и емпирист Ѓорѓи Христов, кој пред мечот самоуверено (консултирајќи го своето искуство) оцени дека уште било рано во групата некој од тимовите со категорички став да тргне по трите бода, Тотенхем покажа дека калкулантсвото, сепак, повеќе им прилега на некарактерните фаци, или на пе...... во душа.
Да, и тој еволутивен начин на самоодбрана и напад за стигнување до целта е легитимен, но кога ќе им пријдеш на нештата искрено, директно и чисто тогаш оние, во суштина слаби математичари, кои инсистираат цехот, што ако веќе треба да се плати да биде што помал, се пикаат во глувчешка дупка. И барем за момент ниту едно сирење нема да ги извади надвор.
Хари Реднап и неговите фудбалери го одбраа подобриот начин и ги освоија симпатиите на сите. Лекцијата, впрочем, ја научија од самите себе, поточно од својот однос во првиот дел во Милано, кога играа како уплашен повикач на духови.
За разлика од тогаш сега сите линкови на теренот делуваа совршено. Средниот ред предводен од мозокот Лука Модриќ, играчот во Тотенхем кој најмалку се засолнува зад мускулната маса, а најмногу зад сивата, одигра одлично. Вистински креатор. Знае да прими топка и на средина на терен, но не се плаши да ја добие и во својот шеснаесетник, па оттаму да го диктира темпото. Брилијантен допир, перцепција, чувство за асистенција, како онаа до Ван Дер Варт за 1:0 уште во 18 минута.
Исто така и одбраната со Галас, Хатон, Екото...беше како онаа лани на Интер. Дозволи еден кикс, кога Ето во 80 минута намали на 1:2. Секако, Хари повторно одигра „валкано“ и играта ја базираше врз убиствените крила Арон Ленон и особено Герет Бејл. Без разлика што Рафа Бенитез пред мечот му ги стресе гаќите, велејќи му дека Бејл не е незадржлив. „Е, ајде баш да видиме. Јас сум за тебе „Хари тата мата“. Тоа беше реакцијата на човекот со црвените образи. Сега уште поцрвени од „срам“ што инаетчиски решил повторно на насловните страници на весниците да биде Бејл. Па, макар и победил Интер како во Милано!
Во случајов добивката беше двојна. Тотенхем ем ја има победата, ем херојот. Велшкото момче тотално го излуде најдобриот десен бек во светот Маикон. На брутален и суров начин го демистифицираше Бразилецот. И во право беше Реднап кога по мечот кажа дека се надева дека и на Бејл му била направена допинг контрола. Шега како вистина. Чудесна беше таа негова сила, таа неподнослива леснотија на ефтино минување на Интеровата одбрана. Негови беа двата гола на Крауч за 2:0 и на Павличенко за 3:1. Тие само се најдоа каде што требаше, а се' друго направи Бејл, кој може да трча до бесвест, да додава, да дрибла, да шутира. Сме виделе таква доминација од многу „десетки“ во светот на фудбалот, но од лев бек или крило никогаш. „Тој е вонсериски играч. Поседува се' што треба да има еден модерен фудбалер. Но, мене ми е битно што е одлично момче. Само ќе си дојде на стадион и ќе си го изигра својот фудбал“, го опиша во кратки црти Реднап својот дијамант.
Самиот Бејл, пак, вели дека неговата игра е последица на големата самодоверба: „А, неа ја стекнав со напорната работа на тренинзите. Никаде на друго место. И екипата игра добро и тоа ме турка напред. Уживам во својот фудбал“, го открива рецептот за успешност Велшанецот, кој е на добар пат да го засени сонародникот Рајан Гигс. Доколку тој и останатите соиграчи продолжат да играат вака за Тотенхем ќе нема зима. Затоа што под голем клуб се подразбира континуитет, а не инцидент.
Кај Интер освен Ето, сите останати потфрлија, вклучувајќи го и Горан Пандев, кому очигледно ќе му треба време за да се врати во форма по повредата.
Рафаел Бенитез, пак, како и во Ливерпул секогаш е подготвен да си игра психолог и да ја смирува ситуацијата. Тој вели дека Интер е во ситуација самиот да решава за својата судбина против Твенте. Кој да знае како се' ќе заврши. Интер и натаму има добар тим, но плашат зборовите на Рафа: „Тие беа физички посилни во дуелите и побрзи од нас“. Е, тука со душа те чекаа Рафа, како големине зависници од мобилни „тач скринот“, противници на Интер кои сега велат: „Не е проблем кога брадичката ќе ти „падне“ проблем е кога ќе паднеш на главните елементи со кои Мурињо стигна до европската круна. Тогаш нема да биде чудо ако Интер го сн��ма од ЛШ уште по групната фаза. Па, сега ти види си!“.
Група А
Тотенхем - Интер 3:1
Вердер - Твенте 0:2
Табела: Тотенхем 7, Интер 7, Твенте 5, Вердер 2
Група Б
Хапоел Тел Авив - Шалке 0:0
Бенфика - Лион 4:3
Табела: Лион 9, Шалке 7, Бенфика 6, Хапоел Тел Авив 1
Група Ц
Валенсија - Ренџерс 3:0
Бурсаспор - Манчестер Ј. 0:3
Табела: Манчестер Ј. 10, Валенсија 7, Ренџерс 5, Бурсаспор 0
Група Д
Копенхаген - Барселона 1:1
Казан - Панатинаикос 0:0
Табела: Барселона 8, Копнхаген 7, Казан 3, Панатинаикос 2 |