Тетекс ја доби битката за Тетово
„Штофарите“ ја совладаа Шкендија со 1:0 во одложениот меч од 12. коло во првата МФЛ
Сашко Ѓ. Димовски
Заврши фудбалскиот дуел што, условно речено, траеше четири дена. Вчера попладне Тетекс ја победи Шкендија со 1:0 во одложениот натпревар од 12. коло во првата македонска фудбалска лига. Стрелец на единствениот гол под Шара беше Срѓан Захариевски во петтата минута од пенал. На најстрогата казна и' претходеше длабочинска топка од Исени кон Радоњиќ кој беше соборен во шеснаесетникот на Шкендија, ситуација што беше доволна за главниот судија Петковски да покаже на белата точка.
На тревникот фер и коректно, на трибините тензично. Не изостанаа вербалните дуели меѓу навивачките групи на обата клуба, „војводи“, односно, „балисти“. Добро познатиот декор и овојпат беше присутен, па така оние неутралните и искрени тетовски љубители на најважната споредна работа во светот можеа да слушнат „ФИРОМ“, „Непризната држава“, „Српски п....“, „Каурски п....“ од една страна која не заборави да го извалка името и на најголемата македонска музичка звезда Тоше Проески, провокација имаше и во спротивна насока како „Тетово е македонски град“, „Шиптарски п....“, „За шиптари гасна комора“, моменти што немаат ништо фудбалско во себе. Но, зголеменото присуство на припадниците на министерството за внатрешни работи спречи нивна блиска средба, посебно по завршување на фудбалската пресметка. По последниот судиски свиреж стадионот, со полициска придружба, први го напуштија „балистите“, но не се разотидоа туку останаа пред објектот да ги сочекаат „војводите“. Полицијата брзо интервенираше, ја растера групата и не дозволи физички контакт на спротивставените страни.
Фудбалските моменти ги немаше во изобилие. По примениот гол тежиштето на играта се префрли на средината на теренот со повремени закани во кои предничеа играчите на Шкендија, но без сериозен ефект.
Нешто поконкретни беа момчињата на Едмонд Миха во вториот дел. Во иста акција два обида за поништување на водството на Тетекс. Се обидоа Цуцули и Реџепи, но не успеаја. Најзрелата ја имаше младинскиот репрезентативец на Македонија, Хасани, чиј удар заврши во пречката.
До крајот резултатот остана непроменет, па со овие три бода Тетекс направи скок за две места на табелата и од шестото се искачи на четвртото.
Тетекс - Шкендија 1:0
Полувреме: 1:0. Градски стадион во Тетово. Гледачи: 5.000. Главен судија: Зоран Петковски. Помошници: Горан Манасиевски и Петре Новачев (сите тројца од Велес). Стрелец: Захариевски во 5 минута од пенал.
Тетекс: М. Јовановски, Наумовски, Рустов, Мишковски, Симовски, Захариевски (Савевски), Ристевски (Тасиќ), Пеев, Ми. Јовановски (Ристовски), Исени, Радоњиќ. Тренер: Тони Јакимовски.
Шкендија: Зендели, Салаи, Цуцули, Бериша, Никитовиќ, Мустафи, Хасани, Усеини, Емини, Сали, Нухији. Тренер: Едмонд Миха. |