Без Пецевска во квалификациите за СП?
Крилото на Будуќност ќе паузира еден месец поради повреда на десната нога
Драгана Пецевска најверојатно ќе го пропушти квалификацискиот турнир за Светското првенство 2011 во Бразил, кој ќе се одржи од 3 до 5 декември во грчкиот град Драма. Левото крило на Будуќност ќе мора да мирува три до четири недели, по што уште 15 дена ќе трае рехабилитацијата на повредениот мускул на десната нога за време на тренингот пред натпреварот со Севехоф во Лигата на шампионите на 24 октомври. Тоа значи дека за неа е завршена групната фаза во ЛШ, а во клубот од Подгорица ја очекуваат на теренот по ЕП во Данска и Норвешка.
„Нејзиното отсуство е голем хендикеп за нас, со оглед на тоа дека таа е еден од нашите најискусни играчи. Во ЛШ ќе ни недостига искуството, стабилноста и квалитетот на Пецевска“, изјави тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ.
Извесното отсуство на Пецевска од дуелите со Швајцарија, со Азербејџан и со Грција е лоша вест за селекторот Гино Стрезовски, кој ја стави на поширокиот список од 28 ракометарки за мундијалските квалификации. Екскапитенот на Кометал Ѓорче Петров, на пример, на европскиот првак Виборг му даде четири гола, а во одбраната целосно го запре едно од најдобрите десни крила во светот, Романката Кристина Варзару.
Стрезовски за турнирот во Драма се надева и на услугите на левиот бек Марина Ламбевска од Динамо Волгоград и на десниот бек Алегра Охоланга од француски Флери, кои одамна немаат настап за репрезентацијата.
На Стрезовски во Драма ќе му асистира Наталија Тодоровска, која блескавата (репрезентативна) кариера ја заврши во мај годинава против Холандија во квалификациите за ЕП. (Р.Д.) |