Спектакл на вечните ривали во „Борис Трајковски“
Еуфоријата кулминира - Работнички и МЗТ Скопје вечерва прв пат надвор од своите сали
Наум Котевски
Кошаркарската еуфорија која владее деновиве во главниот град вечерва ќе ја доживее својата кулминација. Вечните ривали Работнички и МЗТ Скопје за прв пат во лигата ќе се судрат надвор од своите сали.
Имено, заедничка одлука на управите на двата клуба беше 103. дерби (од осамостојувањето наваму) да се игра во најрепрезентативниот објект во земјава салата „Борис Трајковски“ (20 часот).
Тоа значи поголем број гледачи (се очекуваат над 6.000) но и поголеми проблеми од безбедносна гледна точка. И од двата навивачки табора како и секогаш се упатуваат закани, но МВР тврди дека се преземени сите потребни мерки мечот да мине во најдобар ред. Патем, напоменува дека за однесувањето на навивачите во салата е одговорен и организаторот.
Како и да е, и двата тима се одушевени што мечот ќе се игра во „Борис Трајковски“ и на паркетот ветуваат фер и коректна игра.
„На ваков начин може да се подигне интересот за кошарката, бидејќи во последните неколку години таа на клупско ниво е падната“, кажа пред неколку дена тренерот на Работнички Марјан Србиновски.
И сосема е во право, но прашање е дали и колку со ваков инцидентен натпревар може да се излечиме од болестите што ни ги нанесе маалската кошарка. Иако, претседателот на Работнички сето ова го нарече како желба за еден нов урбан настан. Точно, тој сам по себе е урбан настан, но мора конечно да се извлече од канџите на изолираноста.
Како и да е, Работнички кој во дуелите со МЗТ Скопје води со 69:33 во победи, сезонава нема пораз. Барем, засега „репрезентацијата во мало“ ги оправдува очекувањата. Со Ристе Стефанов, Мираковски, Гоцевски, Димитровски, Симиќ (секогаш главна тема на муабет во дербито, бидејќи играше и за двата клуба), барем, за наши услови тимот изгледа моќно. И во изминативе натпревари тоа се докажа.
Од друга страна и кај МЗТ влезе нова раководна структура која најави амбициозен проект. Николовски, Аврамовски, Грнчаров, Петровски, Зивчевиќ... се квалитет, но сите во пакет треба токму вечерва да одговорат на прашањето дали се кадарни да се борат за титулата. Во тој контекст тоа им е втора шанса, затоа што првата ја прокоцкаа на гостувањето кај Фени И, кога беа сурово здробени.
Тренерот Александар Петровиќ е оптимист. Не само поради верувањето во својот тим туку и поради старата вистина - дека овие дерби натпревари секогаш не ги добива објективно поквалитетниот.
„Мислам дека ние ќе бидеме првата голема пречка за Работнички. Посакувам да победи кошарката. Тоа ќе биде добро за сите нас“, порача Петровиќ. |