Македонскиот тенис плаче за ремонт
Поразот во Унгарија и испаѓањето во Третата група во Дејвис купот го вклучија алармот
Роберт Димитриевски
Црно му се пишува на македонскиот тенис. Навистина, подолу од Третата група од Евроафриканската зона по реструктурирањето на Дејвис купот нема, но уште полошо е тоа што нема на повидок ни еден млад тенисер, а камоли генерација, што в година би почнала од нула и со какви-такви шанси да ја врати Македонија барем едно скалило погоре.
По поразите од Босна и Херцеговина со 3:2 во март во Велес и минатиот викенд од Унгарија со 4:1 во Годоло е јасно дека Предраг Русевски и Лазар Магдинчев веќе немаат што да му дадат на националниот тим, кој со години наназад се потпираше токму на нив. Обајцата се недоволно активни веќе година-две, се' поретко ги има на турнирите, и тоа на фјучерсите, каде што играат епизодна улога. Иако не се престарени (Пецко има 26 години, а Лазе 29), сепак, и на двајцата во умот веќе им се тренерските води и хонорарните настапи во германската летна лига, без амбиција за последен напор да направат уште нешто во кариерата. Оттаму, прашање е колку има смисла и понатаму да се мачат и тие и сите што од нив очекуваат да испорачаат барем дел од тоа што го имаат вградено во успесите на репрезентацијата пред неколку години.
Димитар Грабулоски (28) во два наврата докажа дека е фајтер и оти потенцијалот му е многу поголем од ранкингот. Ги сврте мечевите по 0:2 во сетови, за потоа да слави против Белорусинот Андреј Василевски и во петокот против Унгарецот Адам Келнер, но неактивноста е и негова најслаба страна. Последен пат на турнир се има појавено во август минатата година.
Томислав Јотовски веќе две години стагнира по преминот од јуниорска во сениорска конкуренција, а тоа може да се констатира и за Шендрит Деари. Првиот е убедливо најприсутен на турнирите, но без позабележителни резултати.
Своевремено еден од најдобрите јуниори во Европа, Илија Мартиноски, не гледајќи перспектива во националниот тим, реши да го закачи рекетот на клин и да замине на студии во САД. А токму тој како од шега ги „мачкаше“ Босанците Шеткиќ и Горчиќ, против кои пролетоска во салата „Гемиџии“, објективно, беше пропуштена шансата за опстанок во Втората група.
Од помладите најмногу ветува Стефан Мицов. Тука е и Димитар Ристовски и горе-долу тука се исцрпува поширокиот список на можни носители на играта на македонскиот Дејвис куп тим. Премалку за надеж во подобро утре на македонскиот тенис.
Македонија в година во Третата група ја очекуваат ни малку наивни ривали од типот на Турција, Грузија, Црна Гора, Норвешка, Египет, Молдавија, Ерменија. Капитенот Дејан Маринковиќ со расположливиот играчки кадар ќе има тешка задача на турнирот во мај 2011 да стигне до една од двете визи за повисокиот ранг во конкуренција на 13 селекции.
А само пред нецели четири години и историската победа над Финска за промоција во Првата група на Дејвис купот работите изгледаа многу порозово за аристократскиот спорт во државава. Со само двајца играчи, Русевски и Магдинчев, Македонија дури три години „траеше“ во првиот ранг по квалитетот по елитната Светска група. Таму паднаа Луксембург со Жил Милер и Летонија со Ернестс Гулбис, но со поразот од Холандија во април 2008 година во Скопје почна и стрмоглавиот пад. Неуспехот во Унгарија беше шести во низа.
Крајно време е за освестување, за нова визија, за нова селекција, макар и губела во почетокот. Без радикален рез само ќе се продолжи со негувањето лажни надежи, кои ќе се распрснат како меур од сапуница при првата посериозна пречка. Токму како по подвигот на Грабулоски против Келнер за 1:1 во тој момент во Годоло, кој веќе наредниот ден беше девалвиран од Пецко и од Лазе, и тоа против дубл што првпат игра заедно и што на АТП-листата за играчи во двојки се околу 900. место. Ако не можат да се совладаат ни такви противници, тогаш чуму воопшто настапот во Дејвис купот? |