Шпанија ги дочека прваците на светот
Шпанија ги дочека своите фудбалери, најдобрите во светот, во својата престолнина Мадрид. Ги поздравија повеќе од милион луѓе, од аеродромот до градските улици, а впечатливи беа и гордите зборови на кралското семејство и премиерот.
По слетувањето на авионот на кој пишуваше „Кампеонес“ се создаде невиден метеж. Од авионот први излегоа Винсенте дел Боске и капитенот, голманот Икер Касилјас, кој го имаше трофејот во рацете.
Потоа „фуријата“ се упати на прием кај кралското семејство, на кој присуствуваше и премиерот Хозе Луис Запатеро.
„Ви благодариме шампиони, во името на цела Шпанија и сите Шпанци“, кажа кралот Хуан Карлос.
„Остваривте заслужена победа. Вие сте посебен тим кој го освои срцето на сите Шпанци. Не обединивте, ни ги исполнивте соништата и го презентиравте шпанското име низ целиот свет“, додаде тој.
Најголемото славење, сепак, уследи на улиците на Мадрид, а светските прваци ги поздравуваа навивачите од покривот на отворениот автобус.
Премиерот Запатеро уште еднаш се осврна на гестот на Иниеста, стрелецот на победничкиот гол во финалето, кој во моментите на најголема среќа се присети на починатиот Дани Жарке.
„Со фудбалските, Иниеста ги претстави и неповторливите човечки квалитети. Во така важен момент, во незаборавен ден, се сети на некој кој веќе не е меѓу нас и затоа не постои подобар пример од него. Му благодарам за тоа“. кажа Запатеро.
За огромната радост што им ја донесоа на Шпанците им се заблагодари и светскиот рекет број 1 Рафаел Надал. Тој беше и меѓу најпознатите шпански фанови на „Сокер Сити“ стадионот во Јоханесбург.
„Плачев како мало дете. Мора да славиме цела година. Ова што се случи е неверојатно и тешко повторливо“, кажа Надал.
Можеби нема да се повтори, но на шпанските фудбалери и на Надал не им е првпат во кратко време да направат речиси истовремено големи нешта. Пред две години Надал исто така ги освои Ролан Гарос и Вимблдон, а фудбалерите славеа на Европското во Австрија и Швајцарија, додека ова лето имавме идентична слика - добро, со битна разлика бидејќи светската фудбалска титула е, сепак, поголема од европската.
„Надал секогаш не следи. Тој е најдобар во својот спорт ние во нашиот. Тешко е со зборови да го кажам тоа што го чувствувам сега кога го имам трофејот во своите раце. Станавме и европски и светски шампиони. Тоа е остварување на сонот. Тоа се наградите за целиот труд што го вложија овие момчиња“, изјави ѕвездата на Барселона, Чави. |