Диего Форлан
Тивкиот „убиец“ на голмани
Сашко Ѓ. Димовски
Сте слушнале ли некогаш за скандал во кој е вмешан, сте виделе ли некогаш негови фотографии за развратнички ноќен живот, лудувања, консумирање алкохол, сте прочитале ли некогаш изјави во кои се расфрла со зборови, со кои лета во облаци, со кои го омаловажува противникот? Секако дека не. Тоа не се одлики на вистински професионален фудбалер, каков што е Уругваецот Диего Форлан, 31-годишното златно момче од Монтевидео, со кое се гордее нацијата, кон кои строго се придржува и води мирен и повлечен живот со аргентинскиот модел Заира Нара. Секогаш беше во сенка на далеку позвучните и поизвикани фудбалски имиња во своето опкружување.
Своите пет минути ги чекаше трпеливо и ги дочека. Од Јужна Африка се врати дома со престижно признание: стана првиот Уругваец сопственик на „Златна топка“, награда што се доделува за најдобриот фудбалер на Светските првенства, награда која е плод на сета негова посветеност кон најважната споредна работа во светот. Почна во младинскиот погон на Пењарол и преку Данубио, Индепендиенте, ја надградуваше фудбалската слава во Манчестер Јунајтед, Вилјареал и сега во Атлетико Мадрид. Врвот го достигна на годинашното СП, во кое прикажа игри за симнување капа и за затворање на устите на критичарите.
Постигна пет гола за Уругвај и беше најзаслужен за пласманот на неговата репрезентација во полуфиналето. Три од нив постигна со удари од дистанца, што не му успеало никому на еден турнир во последните 20 години по Лотар Матеус на СП 1990. Дебито во националниот тим, кој не може да се замисли без него, го имаше во 2002 година. Оттогаш одигра 69 натпревари, во кои 29 пати ги тресеше противничките мрежи.
Како тинејџер беше во дилема кој спортски правец да го фати - фудбалскиот или тенискиот. Пресече, за жал, трагичен семеен момент и сообраќајна несреќа во која сестра му Алехандра остана инвалид, а нејзиниот дечко го загуби животот. Понесен од желбата да и' обезбеди што подобри услови за нега и услуги од водечките доктори, Форлан го обеси рекетот на зид, ги врза копачките и не згреши. Подоцна ја формира и „Фондација Алехандра Форлан“, го исполни ветувањето кон сестра му и стана фудбалер од врвен калибар каков што посакува секој тренер во својата екипа. |