Кројф: Многу груба холандска игра, и мене ме боли
Холандската фудбалска легенда Јохан Кројф остана разочаран од претставата на своите сонародници во финалето против Шпанија.
„За жал, Холандија играше многу валкано. Тоа беше грд, вулгарен, тврд, херметички затворен фудбал, нималку привлечен стил на игра. Да победеа, барем ќе беа задоволни со успехот и тоа ќе ги покриеше негативните страни, но сега кога загубија...“, прокоментира некогашниот холандски репрезентативец, чија одлична генерација губеше во финалињата 1974 и 1978 година од Германија и Аргентина.
Кројф исто така се сложува дека судијата Хауард Веб морал да биде поригорозен кон фудбалерите на Берт ван Марвијк.
„Со оглед на стартовите на Де Јонг и на Ван Бомел, Холандија бргу требаше да остане со 10 играчи. Тоа беа толку груби стартови што и мене ме заболе. Но најмногу ме боли што Холандија избра таков пат кон титулата“, додаде Кројф притоа присетувајќи се на полуфиналето од Лигата на шампионите кога се сретнаа Барселона и Интер.
„Ме прашаа во Холандија пред финалето може ли да одиграме како Интер и да ја сопреме Шпанија исто како Мурињо што ја сопре Барселона. Кажав - никако. Не затоа што го мразам тој стил на игра, туку затоа што бев убеден дека Холандија нема да отстапи од својот поглед на фудбалот. Погрешив. Не можам сите холандски фудбалери да ги ставам во ист кош, ама не се ни далеку од тоа. Едноставно не ја сакаа топката“, смета Кројф. |