Африканска шлаканица за предрасудите
Убиства, сида, грабежи. Јужна Африка, преку масовните средства за комуникација, во најавите за Светското првенство се прикажуваше како црна дупка на планетата во која никој не е безбеден. Западниот свет однапред стравуваше за судбината на туристите кои беа доволно храбри да ја посетат таа дивина.
Тешко е човек да се присети на сите застрашувачки приказни што кружеа низ светот со намера „добронамерно“ да се укаже на објективните проблеми во Јужна Африка. Навистина, земјата има прилично висока стапка на криминал и се' уште стенка во расни проблеми, но во изминатите 30 дена тоа не се виде бидејќи народот така одлучи.
Организаторите се фалат дека завршија одлична работа меѓутоа без поддршката на целокупната заедница, која реши накратко да заборави на сопствената сиромаштија и да ужива во фудбалот, работата ќе беше невозможна.
Ниту еден повреден навивач не беше забележан во текот на изминатите месец дена. Ниту еден! Нула убиства, по некој ситен грабеж и ниту трага од масовни судири за кои, дури и за време на Мундијалот, пишуваа странските новинари.
Никој не може да осигура цела земја од разбеснета толпа луѓе за какви што се обидоа да ги прикажат црнците во Јужна Африка. Едноставно, станува збор за класична грешка која никако не треба да се сфати како случајна. Предрасудите се проклета работа и се надеваме дека богатиот свет, по вака ненасилен фестивал во целост, тоа ќе го сфати.
Двата најистакнати ексцеси на СП 2010 беа во режија на Европејци. Англискиот новинар насочи „случаен минувач“ до соблекувалната на Гордиот Албион со цел потоа да добие ексклузивна приказна, а за време на финалето незапирливиот Каталонец, Џими Џамп, повторно го надмудри обезбедувањето и се доближи на два метра од трофејот за шампионот. Пред него во терен втрча само уште еден Италијанец.
Масовните кампањи немаат јасно профилиран лидер, па затоа на Африканците никој не може јавно да им се извини. Но, сите кои наседнавме на таквите грди приказни треба да го запаметиме крајниот епилог и да извлечеме заклучоци. (хтнет.хр) |