Британција ладно го чека папата Бенедикт
Прва посета на Велика Британија на еден поглавар на Католичката црква по 28 години
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - По 28 години еден поглавар на Католичката црква утре пристигнува во државна посета на, главно, англиканската и протестантска Велика Британија, во атмосфера на студена апатија што извесно време ја создаваат домашните медиуми. Атмосферата пред утрешната посета на папата Бенедикт 16 затоа сосема и се разликува од онаа во 1982 година на тогашниот папа Јован Павле Втори.
Тоа се должи на различното време и на сосема поинаквите околности околу двете посети. Првата посета на Полјакот Карол Војтила, величан по својо�� отпор на комунизмот во неговата родна Полска и по поддршката што му ја даваше на антикомунистичкиот синдикат „Солидарност“ во време на остро идеолошки и политички поделената Европа, и втората посета на Германецот Рацингер, кој ги предводи католичките верници во целосно изменети услови во Европа и во самата Велика Британија. Тој ја нема ниту харизмата на својот претходник, па на денешната генерација Британци им се прикажува како „студен догматичар и крут верски поглавар“, кој е оддалечен од светот и од верниците.
За ваквите негостољубиви пригоди во кои треба да се одвива четиридневната посета, објаснувањето се бара и се наоѓа во скандалот околу сексуалното и физичкото насилство што католичките свештеници систематски и со децении го вршеле врз машките и женските деца што им биле дадени на чување и воспитување, а врвот на црквата тоа го знаел и го прикривал во Ирска и во Белгија, но и во Германија и Австрија, како и во САД и во Мексико, водејќи повеќе сметка за угледот на црквата, а помалку за жртвите. За случувањето во редовите на Католичката црква, секако, знаел и поранешниот папа Јован Павле Втори, а сега се дознава дека не направил ништо за да се казни насилството врз децата, но гневот на јавноста избувна во времето на овој папа, по откритието во неколку земји дека црквата ги криела виновниците и не дозволувала да се вмешаат полицијата и обвинителствата. Ниту сега Ватикан нема сили и волја да се пресмета со оние што ја посрамија Католичката црква, а вината за таквата политика му се припишува на сегашниот папа Бенедикт.
Во Велика Британија тој прво ќе престојува во Шкотска, посетувајќи ги Единбург и Глазгов, а потоа ќе допатува во Лондон каде што ќе се одвива службениот дел од посетата, а оттаму ќе отпатува и во Бирмингем за да одржи миса на отворено. Во овој втор по големина британски град папата ќе изврши беатификација на кардиналот Џон Хенри Њумен. Тој во средината на 19 век поведе движење за враќање на англиската црква во католицизмот и самиот преобразувајќи се во католик на 44-годишна возраст. Процесот на неговото возвеличување кон прогласувањето во светец го почна папата Јован Павле Втори, прогласувајќи го пред 19 години англискиот кардинал за пречесен.
Уште од моментот кога посетата беше најавена, тргна притисокот врз британската влада таа да ја повлече поканата. Се вадат податоци од анкети дека четворица од петмина Британци не гледаат зашто еден папа би доаѓал во земјата, а исто толку сметаат дека посетата треба да се откаже зашто е прескапа (велат ќе чини 12 милиони фунти). Потоа, отпорот прерасна во закана од левичарски и од атеистички настроени интелектуалци дека ќе побараат судски налог за апсење на папата Бендикт, обвинувајќи го за „злосторства врз човештвото“ поради насилството што одредени свештеници го вршеле врз деца. Поради тоа следуваше остра реакција на Ватикан и краткотрајна дипломатска расправија, што Форин офис брзо мораше да ја измазни. Затоа левичарски настроениот „Гардијан“ забележува дека овој папа во Британија не го чекаат обични луѓе (како оној во 1982 година) туку, главно, атеисти и антикатолички настроени активисти. Разните здруженија за пресметка со хомофобијата, феминистки и активисти од организацијата за заштита на жртвите на насилството од свештениците поведоа силна кампања во лондонските медиуми за „оцрнување“ на Католичката црква и на самиот папа, инсистирајќи на расчистување со насилството, барајќи казнување на се' уште живите виновници, но и притискајќи да се прифати хомосексуализмот, како и да им се даде право на жените да имаат поголема улога во раководењето со црквата.
Британската католичка црква, главно, ги премолчува ваквите реакции и јавните прозивки, настојувајќи посетата да мине без јавни ексцеси. Таа гласно не реагира на (засега) малиот одѕив на Ирците-католици за присуство на мисите на отворено што папата ќе ги држи на британска територија. Велат дека се гневни што папата не ги смени бискупите во врска со скандалот со насилствата врз децата, но се лути што 30 години еден папа не дошол во Ирска. Меѓутоа, црквата категорично не го демантираше тврдењето на весниците дека папата за време на престојот во Велика Британија ќе се сретне со некои од жртвите на насилството, што би можело да го амортизира притисокот на кој е изложена оваа посета. Ватикан, пак, настојува да понуди поинакво портретирање на папата Бенедикт од она што го нудат овдешните медиуми, објаснувајќи дека оваа посета е можност Британците да го видат „вистинскиот Рацингер“. За него се вели дека го красат „скромност и благост“, човек секогаш подготвен на дијалог дури и со оние што се декларираат како неверници. |