Купување дворови за едно евро - само уште четири месеци
Само 20.000 семејства поднеле барање за купување на земјата по оваа цена
Деспина Трајковска
Државата не планира да го пролонгира рокот за откуп на државното земјиште по цена од 1 евро за квадрат, кој истекува на 27 јануари идната година, иако се чини дека симболичната цена не ги испровоцира граѓаните да го с��орат тоа во изминатиот период. Само 20.000 семејства досега ја искористиле оваа можност, иако од 2005 година се поднесени 80.000 барања за откуп.
Токму со цел да се зголеми процентот на откупените дворови, Министерството за финансии започна кампања за информирање на јавноста за придобивките од шансата да се откупи земјиштето за 60 денари квадратен метар. За тримесечната кампања Министерството ќе потроши 250.000 евра. Оттаму не сметаат дека овие пари ќе бидат залудно потрошени, бидејќи очекуваат позитивен фитбек. Според министерот Зоран Ставрески, кампањата не се должи на анализи што укажуваат на слаб одѕив на граѓаните за откуп на дворните места.
„Ние сме задоволни, но сметаме дека има уште простор за искористување на можноста што ја нуди државата. Досегашните бројки, очигледно, се должат на неинформираноста на јавноста. Кампањата има токму таква цел и очекуваме бројката да биде помасовна, а наши процени се оти ќе стасаат уште најмалку 30-40.000 барања“, вели Ставрески, кој тврди дека државата не направила пресметки колку, всушност, пари ќе инкасира во овој случај. Тоа било неможно, бидејќи не постои целосен регистар на недвижен имот што треба да се откупи. Во секој случај, според Ставрески, сумата што ќе се слее во државниот буџет била незначителна, оти квадрат земјиште се откупува по симболична цена.
Сите оние, пак, што нема да ги откупат дворните места до дадениот рок, за земјиштето ќе плаќаат закупнина, и тоа по цени што допрва ќе се утврдуваат. Но, таа нема да биде ниска колку што е сумата утврдена за сегашниот откуп. Така, смета министерот, граѓаните ќе се најдат во понеисплатлива ситуација, ем ќе немаат сопственост врз земјиштето ем ќе имаат поголеми трошоци.
Освен кампањата што ќе трае три месеци и ќе се реализира преку електронските и печатените медиуми, Министерството дополнително ќе организира и средби со граѓаните во одредени населени места.
Инаку, можноста што ја ��уди државата за откуп на дворните места по 1 евро трае веќе една година. Владата не се откажа од оваа одлука, и покрај тоа што доби негативни критики од оние што веќе ги откупија своите дворови пред неколку години и сега се чувствуваат онеправдани. Граѓаните посочуваа дека за откуп на дворовите на своите куќи морале да платат 25 пати поскапо, бидејќи тие го платиле квадратот по 800 денари. По владината одлука за намалување на цената на земјиштето, негативни критики дојдоа и од неколку локални самоуправи од каде што сметаа оти тоа автоматски негативно ќе влијае врз приходите на локалната самоуправа, со оглед на тоа дека 80 проценти од парите од продажбата на градежното земјиште одат во буџетот на конкретната општина. |