Ракот на простатата втор убиец кај мажите
Кај 98 отсто од заболените лица, ракот на простата се детектира дури кога болеста зела замав
Ракот на простата е вториот по ред убиец кај мажите во Македонија, веднаш зад ракот на белите дробови. Високата смртност од ова заболување се должи на доцното откривање на болеста, кога шансите за лекување се многу мали, укажуваат стручњаците. Кај 98 отсто од заболените лица, ракот на простата се детектира дури кога болеста зела замав и болеста се раширила низ целото тело. Затоа, онколозите укажуваат дека мажите над 40 и 50 години треба барем еднаш годишно да прават превентивни прегледи на простата кај уролог. Доколку болеста се открива во рана фаза, тогаш ракот може да се победи, велат онколозите.
Каков било проблем со мокрење, често, или потешко мокрење, треба да е сигнал дека нешто не е в ред со простатата и мажот треба да се јави на лекар. „Симптомите на ракот на простатата и на зголемена простатата се слични. Затоа, потребни се превентивни дијагностички прегледи за да се утврди која е причина. Доколку ракот на простата се утврди во почетна фаза во 99 отсто може и да се излекува“, објаснува д-р Лилјана Ацева – Андоновска, онколог радиотерапист од Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје. За жал, на клиниката доаѓаат случаи кога ниту цитостатиците ниту, пак, зрачењето може да помогне. Според д-р Андоновска, и матичните лекари треба да им сугерираат на мажите дека еднаш годишно треба да си ја проверат простатата. Стручните сознанија покажуваат дека лица кои јадат повеќе мрсна храна и црвено месо се со поголема предиспозиција да добијат рак на простата. Секако, велат онколозите, влијание има и генетичката предиспозиција на лицето.
Годишно во Македонија има околу 100-120 нови случаи на заболени од рак на простата. Од нив на околу сто им нема спас, зашто се открива кога болеста е метастазирана. Затоа, Здружението за борба против ракот на простата, кое функционира една година, се залага за подигање јавна свест на мажите за ракот на простатата.
Најголемиот дел од мажите и не знаат што е простата се' додека не се јави некој проблем со неа. „Треба да се зголеми информираноста и за болеста и за простатата. За навреме да се открие ова заболување, доволно е да се направи крвен тест“, објаснува Никола Атанасов, претседател на Здружението, кој веќе го побе��ил ракот на простатата. Затоа, Здружението од лани почна со трибини со стручни предавања за може повеќе да ја доближат болеста до свеста на мажите. Денеска ќе се одржи трибина во хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“ во Скопје во 18 часот.
Во светот годишно се регистрираат околу 400.000 новозаболени, од кои околу 170.000 лица умираат. (Ј.Ј.) |