„Пиволенд 2010“
Пет дена пиво и скара на Кале
Скопската тврдина Кале денеска ќе ги отвори вратите за љубителите на пивото и на добрата забава, овозможувајќи им петдневно гурманско фестивалско доживување под логото на „Пиволенд“. Од 15 до 19 септември посетителите ќе можат да пробаат 50 видови домашно и странско пиво, но и да уживаат во богатата забавно-музичка програма, присп��собена за сите генерации. Седумте фестивалски бини ќе бидат домаќини на КУД „Идиоти“, „Забрањено пушење“, „Поздрав Азри“, Рамбо Амадеус, „Ортодокс Келстс“, Гоце Арнаудов, „Суперхикс“, „Бл-Бла-Бла“, „ТБ Трачери“, но и повеќе интересни рок, поп, џез, етно и електронски изведувачи од Македонија и од регионот. Главната денс-атракција ќе бидат диџеите од британската сензација „Кошин“, а „големите деца“ ќе може да се забавуваат во игротеката за возрасни.
На пресот што се одржа вчера во пивницата „Стар град“, присуствуваа Марија Павлова, претставник на генералниот спонзор „Пиварница Скопје“, како и претставниците од Град Скопје, Слободан Ќосев и Драгана Спасовска. Тие изразија надеж дека третиот фестивал на пивото ќе ги надмине 150.000 посетители од минатата година, а притоа ќе донесе и многу изненадувања, дегустација на нови пива, вкусна скара, музика за сечие уво, како и кампања за алкохолот и сообраќајот на „Црвен крст на Република Македонија“.
Работното време на фестивалот в среда, в четврток и в недела е од 17 до 1 часот по полноќ, додека в петок и в сабота програмата ќе биде активна до 4 часот по полноќ. Влезот е бесплатен. (Б.Ш.) |