Рафаел Надал го покори и Њујорк
Шпанецот во финалето славеше против Ѓоковиќ со 6:4, 5:7, 6:4 и 6:2, за деветта Гренд-слем титула во кариерата
Рафаел Надал ги комплетираше Гренд-слем насловите, освојувајќи го и УС опен со победата во финалето против Новак Ѓоковиќ со 6:4, 5:7, 6:4 и 6:2. За шпанскиот тенисер победата во Њујорк беше негова трета Гренд-слем титула во оваа година и вкупно деветта во кариерата. Со освоју��ањето на „големата четворка“, Надал стана само седмиот тенисер во историјата што го остварил тој подвиг.
„Мислам дека првпат во кариерата на овој турнир навистина одиграв добар меч. Тоа е она што го чувствувам. Одиграв најдобар тенис на УС опен кога беше најпотребно. Тврдата подлога отсекогаш ми создаваше најголеми проблеми, особено при сервисот кој на овој турнир прави разлика. Морам вака да сервирам. Ако успеам, тоа секогаш ќе влијае на мојот тенис. Сервисот нуди бесплатни поени. Се разбира, тогаш можам да играм и поагресивно и посмирено во моментите кога противникот го има почетниот удар. Минатата година беше тешка, а сега ми се чини дека имам можност да станам еден од најдобрите тенисери на сите времиња“, изјави Надал по триумфот во Њујорк.
Неделниот дожд го пролонгираше финалето за в понеделник веќе трета година едноподруго, а и овој понеделник беше нарушен за време на вториот сет. Паузата траеше речиси два часа по која Ѓоковиќ го освои вториот сет.
„Надал ги има сите предиспозиции на стане најдобар тенисер на сите времиња. Ова беше негов најдобар тенис на тврда подлога. Драстично го подобрил сервисот, а тука се брзината и прецизноста. Се разбира, играта од основната линија му е добра како и секогаш. Не ми даде шанса да се вратам во мечот“, го изнафали победникот Новак Ѓоковиќ, кој со пласманот во финалето го прескокна Федерер на ранг-листата и сега е на второ место.
Рафаел Надал моментално има 21. победа во низа на Гренд-слем турнирите. На победите во Ролан Гарос и во Вимблдон им ја придодаде и титулата која му недостасуваше во успешната кариера, кога се во прашање турнирите од највисоката категорија. Последен кој во една година победуваше на овие три турнири беше Род Лејвер во 1969 година.
Со победата во Њујорк, актуелниот светски тениски рекет број еден стана првиот левучар кој триумфирал на УС опен по Џон Мекинро во 1984 година и прв Шпанец по Мануел Орантес кој Флашинг Меоу го освои во 1975 година. |