Мислења
Македонија - земја на сиромаштијата
Ден Дончев
Уште колку треба да се зголеми сиромаштијата за Владата на Никола Груевски, конечно, да се соочи со реалноста
Во неодамнешниот отчет пред македонската јавност за сработеното во претходните четири години, премиерот Никола Груевски потенцираше дека Владата имала правилен концепт што дава резултати. Деновиве, пак, излезе шокантната вест дека стапката на сиромаштија во Република Македонија се зголеми на рекордно високо ниво од 31,1 отсто! Ако ваквите „резултати“ од економската политика на Владата на Груевски не се доволен сигнал дека економската политика е промашена, се поставува прашањето уште колку треба да се зголеми сиромаштијата за Владата на Груевски, конечно, да се соочи со реалноста? Комбинирано со стапката на невработеност од 32 отсто, Република Македонија се наоѓа на самото дно во Европа. Оваа треба ди биде силен сигнал за будење на одговорноста на сите релевантни фактори дека државата оди кон конечна пропаст. Стапката на сиромаштија од 31,1 отсто несомнено води кон самоуништување на сегашната генерација, а воедно значително ја отежнува можноста идната генерација да постигне животен стандард значително подобар од оној што нивните родители го живеат денес.
За да се анализира зошто економската политика на државата не само што не успеа да ја намали сиромаштијата туку и ја зголеми, треба да се направи увид во распределбата на зголемувањето на економската активност во последните три години. Факт е дека во двете најуспешни години на Владата на Груевски бруто домашното производство (БДП) на Република Македонија постигна раст од 5,8 проценти во 2007 година и 4,8 проценти во 2008 година. Во апсолутна вредност, растот од 5,8 отсто во 2007 година претставува зголемување на БДП за околу 200 милиона евра годишно од 2007 до 2009 година. Растот од 4,8 отсто во 2008 година претставува дополнително зголемување на БДП за околу 250 милиони евра годишно за 2008 и 2009 година. Минатата 2009 година бележеше пад од 0,7 отсто на БДП, но економијата, сепак, беше околу 300 милиони евра поголема од онаа што ја имавме во 2006 година. Значи, кумулативниот ефект за овие три години е зголемена економска вредност од околу 1,4 милијарди евра. Но, ваквото зголемување, со кое Владата константно се фали, не знач�� ништо само по себе кога се во прашање невработеноста и сиромаштијата. Придобивките од растот во овие три години не беа насочени кон намалувањето на сиромаштијата и на невработеноста. Напротив, најголем добитник од зголемената економска активност во овој период беше само владиниот сектор. Поточно, преку зголемување на севкупното даночно оптоварување кон приватниот сектор, најголемиот дел од зголемената економска активност отиде во зголемените буџетски приходи.
За да биде јасно што точно значи ова, треба да се тргне од макроекономскиот модел „Циркулаторен проток на средства“. Овој модел тргнува од фактот дека севкупната економска вредност на една нација, односно БДП, се остварува од фирмите во општеството или, поточно кажано, фирмите и поединците од приватниот сектор. Државниот сектор, пак, преку разни оданочувања одзема одреден процент од творците на БДП. Всушност, вкупните даночни приходи на државата (полнењето на државниот буџет) претставуваат земање на дел од бруто домашното производство. Така, преку циркулаторниот проток на средства, расходите од истите даночни приходи во буџетот повторно влегуваат во калкулацијата на БДП на државата. Гледано вака, може да се анализира вкупното оданочување кон приватниот сектор преку прибраните буџетски приходи. Вкупните буџетски приходи за државата се, всушност, прибрани даноци од приватниот сектор. Ваквите одземања од бруто домашниот производ на македонската економија претставуваат даночни приходи за државниот сектор и се враќаат во пресметката на БДП преку расходите од буџетот на Република Македонија.
Следејќи го ваквиот проток на средства, може да се направи реална процена дали буџетската или фискалната политика на Владата во изминатите години придонела за развој, стагнација или за задушување на економијата. Очигледно, станува јасно дека на макроекономски план не се толку битни стапките на поединечните даноци туку поважно е севкупното даночно оптоварување на приватниот сектор. Споредено со вкупните буџетски приходи од 1,8 милијарди евра во 2006 година, буџетските приходи на Република Македонија пораснаа за 100 милиони евра во 2007 година, за 550 милиони евра во 2008 и за 458 милиони евра во 2009 година. Кумулативното зголемување на даночното оптоварување од 2007 до 2009 година, споредено со вкупните даночни приходи во 2006 година, изнесува фантастични 1,1 милијарди евра. Со други зборови, во тригодишниот период од 2007 до 2009 година, приватниот сектор платил вкупно 1,1 милијарди евра повеќе даноци од тоа што го плаќаше вкупно во 2006 година. Од анализата на зголемувањето на БДП за тој тригодишен период се гледа дека кумулативниот ефект од зголемувањето на БДП од 2007 до 2009 година е зголемена економска вредност од околу 1,4 милијарди евра. Со други зборови, во овие три години Владата оданочила и прибрала фантастични 1,1 милијарда евра од кумулативното зголемување на БДП од 1,4 милијарди евра.
Станува јасно дека фискалната политика на оваа Влада за овој период тотално го задушува приватниот сектор, бидејќи само 300 милиони евра од зголемената економска активност останале на располагање на приватниот сектор. Бидејќи токму приватниот сектор е тој што ја создава економската вредност во државата, станува јасно дека што повеќе пари прибира државниот сектор, толку помалку пари остануваат на располагање на приватниот сектор за инвестирање во нови капацитети. Конечно, инвестирањето во нови капацитети од приватниот сектор е речиси единствениот начин преку кој може да се намалат невработеноста и сиромаштијата во државата на трајна основа.
Поточно, бидејќи државниот сектор ништо не произведува, нејзиното зголемување е директно на сметка на приватниот сектор. Значи, државниот сектор станува се' поголем дел од економијата. А таа економија треба да обезбеди подобар стандард за граѓаните на државата, да креира нови работни места и да ја намалува сиромаштијата. Со оглед на фактот дека приватниот сектор е тој што ја остварува реалната економија, обезбедувањето подобар стандард за граѓаните, како и намалување на невработеноста и сиромаштијата претставува невозможна мисија за приватниот сектор кога државата прибира се' повеќе и повеќе даноци.
За да биде трагедијата уште поголема, во нашиот случај најголем дел од зголемените буџетски расходи беа непродуктивни расходи во земјата и во странство, кои на ниеден начин не придонесоа да се намали сиромаштијата кај нас. Затоа, ако Владата сака сериозно да се зафати со намалување на стапката на сиромаштија од 31,1 отсто, прв чекор е це��осна елиминација на сите буџетски расходи што не се во директен прилог на намалување на невработеноста и сиромаштијата. Вториот чекор е реално намалување на вкупното даночно оптоварување кон приватниот сектор и пренасочување на тие средства кон инвестиции преку разни даночни олеснувања и стимулации за нови капацитети.
Друг начин за намалување на сиромаштијата врз трајна основа не постои!
(Авторот е економски аналитичар) |