ЕУ ги пегла односите со Македонија
Спорот за името надвор од завршната изјава на состанокот ЕУ - Македонија
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Европската унија ги пегла односите со Македонија, а потврда за тоа е соопштението од вчерашниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во кое забелешките за изборите се ублажени, а спорот за името не е ниту спомнат во крајната верзија. Иако тоа не ја менува реалноста околу Македонија, сепак, е јасен сигнал дека Брисел сега се фокусира на условите и ја охрабрува земјата да ги исполни последните барања за да може есенва да предложи датум за преговори. Состанокот на кој присуствуваа тројцата македонски министри, Антонио Милошоски, Васко Наумовски и Абдулаким Адеми, а од ЕУ, претседавачот Карл Билд, не беше почнат до затворањето на весникот, но главните пораки можеа неофицијално да се дознаат и претходно. Откако оцени дека изборите беа спроведени според меѓународните стандарди, Брисел бара да се исполнат што побрзо препораките на ОДИХР, а благ е и во однос на политичкиот дијалог во земјата, посочувајќи го само законот за Собранието како преостанат услов. Околу контроверзниот Закон за полиција ЕУ само нотира дека е усвоен, и во основа позитивно ги оценува реформите во полицијата, иако досега силно ја нагласуваше политизацијата во овој сектор. Најкритичните два услова и натаму се јавната администрација и судството, при што за јавниот сервис се бара усвојување на законот за јавни службеници, а во судската сфера се сугерира да се работи повеќе на независноста. Брисел јасно бара донесување закон за финансирање на политичките партии и се' повеќе успехот во борбата со корупцијата го поврзува со овој услов. Медиумите, односно ограничувањето на слободата на говор, во која и да е форма, е нов елемент кажан дипломатски во обратна форма, како потреба тоа да се обезбеди во практиката. Во економската сфера Брисел бара помудра и повнимателна фискална политика, и со еден збор, конкуренција, сугерира промени во енергетската сфера, односно спорот со ЕВН. Во подготовката на состанокот имаше обиди од страна на Атина да се заостри текстот околу спорот за името на Македонија, но во Брисел немаше расположение за тоа, па и не се најде во завршниот документ, иако циркулира во останатите документи од состанокот.
Инаку, првпат на прес-конференција на грчката шефица на дипломатијата, Дора Бакојани, не ни беше дозволен влез на македонски новинари. Сепак, како што се дознава, на прашањето како ќе реагира Атина ако Брисел предложи преговори со Македонија есенва, Бакојани одговорила дека не може да има почеток на преговори со грчка согласност доколку дотогаш не се реши спорот околу името.
Дека има придвижување на настаните вчера на некој начин сугерираше и еврокомесарот Оли Рен кој, зборувајќи за Западен Балкан, изјави дека Брисел го чека напорна есен околу регионот и оти, според него, можно е да се најде решение за билатералните спорови, како меѓу Хрватска и Словенија, така и меѓу Македонија и Грција. „Овие спорови треба да се решаваат еден по еден, единствено што е потребно е трпеливост и решеност, а тоа не ни недостасува“, изјави Рен на прес-конференција.
Околу очекувањето Грција да стави вето на одлуката на ЕУ да предложи преговори за членство за Македонија, Рен беше уште поексплицитен.
„Не повикувајте го ѓаволот на врата. Се' уште има реални шанси да се најде решение за спорот, имајќи ја предвид ангажираноста на двете страни. Јас сум помалку песимист од вас. Македонија доби осум услови и нашата одлука ќе зависи од тоа дали земјата ќе одговори на нив. Знаеме дека треба едногласност за ваквата одлука, но последните две недели беа многу добри за кредибилитетот на односот на ЕУ кон Македонија“, изјави Рен, посочувајќи ја одлуката за визите како доказ за тоа. |