ИНТЕРВЈУ
Граѓаните не спијат ако имаат долгови
Глигор Бишев, директор на Стопанска банка - Скопје
Нина Нинеска-Фиданоска Соња Маџовска
Господине Бишев, од земја во која каматите станаа речиси пристојни, сега пак се сведовме на држава со највисоки камати. Кога, според Вас, ќе се создадат услови во Македонија да почнат да се намалуваат високите каматни стапки?
Една од основните карактеристики на секое пазарно стопанство е тоа што цените перманентно варираат. Во пазарна економија цените не се дадени засекогаш. Ниту, пак, може цените само да паѓаат, туку и паѓаат и растат. И тоа важи и за цените во реалниот сектор и за цените на финансиските пазари - на девизниот курс и на каматните стапки. И кај каматните стапки тие се резултат на понудата и побарувачката. За да дојде до намалување на каматните стапки, очигледно е потребно или зголемување на домашното штедење или намалување на побарувачката за кредити и согласно со тоа потрошувачката или, пак, да се изнајдат соодветни извори од странство од кои ќе се финансира овој дефицит во тековната сметка на платниот биланс. И, најверојатно, ќе имаме комбинација од сите овие три можни сценарија и на долг рок, имајќи предвид дека НБМ го има врзано денарот за еврото, најверојатно за период од две до три години повторно ќе дојде до конвергенција, односно приближување на каматните стапки во Македонија со каматните стапки во светот. Значи, дали на долг рок граѓаните може да очекуваат приближно ниво на каматни стапки како во останатите високоразвиени земји, одговорот би бил да.
Експертите сметаат дека најдобар извор на средства моментно е аранжман со ММФ. Дали и Вие го делите тоа мислење?
Доколку Македонија планира да има дефицит на тековната сметка од платниот биланс, тој мора да се финансира. Доколку нема извори за финансирање, ќе дојде до намалување на девизните резерви, како што беше случај во првите 5,5 месеци од оваа година. Значи, доколку не сака да се задолжува во странство, тогаш би морало домашната потрошувачка да се намали и да се елиминира дефицитот. Второто прашање, од каде да се зајми од странство, зависи од условите, од обемот на средства или од начинот на кој ќе се дизајнираат макроекономските полит��ки. Тука, согласно со преференциите на одделни економисти или одделни носители на економските политики, се носат и соодветни одлуки.
Компаниите се жалат дека тешко доаѓаат до кредити. Зошто банките го намалија кредитирањето?
Пазарната економија е економија на меури и на пукање на меури. Значи, не може да има експанзија во пазарната економија, а да нема истовремено рецесија, или криза. Во пазарните економии и кризата се смета за здрава работа. Како еден вид чистилиште што треба да ги исчисти лошите, непрофитабилни компании, компании чии технологии веќе не се ефикасни. Целта е да се принудат на економско преструктурирање и на нивно место да дојдат здрави компании, компании со инвеститори кои имаат нови идеи и кои ќе ја генерираат новата експанзија и новиот раст и отворање нови работни места. Затоа на кризите истовремено се гледа и како шанса да се создаде нешто ново, да се имплементира нова идеја. Во такви услови, главен ограничувачки фактор за пристап до кредити не се банките, туку неможноста на оние компании што немаат нови идеи како да се преструктурираат и како да станат здрави и одржливи. Бидејќи банките, по правило, треба да одобруваат кредити за одржливи фирми, за одржливи проекти.
Дали Стопанска банка располага со доволно средства што би можеле да бидат пласирани во стопанството?
Стопанска банка во првите шест месеци од оваа година ја зголеми вкупната актива за 25 милиони евра. Тоа е показател дека и во услови на криза Стопанска банка ги продолжи и кредитната експанзија и растот, иако со побавно темпо. Банката минатата година двапати го зголеми капиталот. Првиот пат преку емитирање субординиран долг од 25 милиони евра, вториот пат преку задржување на добивката во капиталот од 22 милиона евра или вкупно за 47 милиони евра. Заедно со порастот на депозитите на населението и на компаниите, банката располага и со долгорочни и со краткорочни средства, било за кредитирање на населението било за проекти на компаниите.
Лани имавте одлична добивка. Дали и годинава ќе ја завршите со профит?
Минатата година Стопанска банка оствари профит по оданочување од 22,5 милиони евра. За првите шест месеци од оваа година банката оствари профит од девет милиони евра, значи за два милиона евра помалку во споредба со истиот период во 2008 година. Годинава во целина очекуваме и планираме да ја завршиме профитабилно, на малку помало ниво од претходната година, но се' уште на доста високо ниво.
Граѓаните се жалат дека се' потешко ги враќаат кредитите на банките. Размислувате ли некако да им го олесните враќањето барем на најзагрозените клиенти?
За граѓаните кои имаат земено кредити од Стопанска банка, а кај кои од разни причини дошло до намалување на приходите или доходите за повеќе од 30 отсто, банката ќе има посебна програма за редоговарање на кредитите. Значи, банката ќе има долгорочна димензија во соработката и со претпријатијата и со населението, во смисла да се направи кредитен пакт што ќе овозможи повторно платата да е на ниво под една третина од нивните приходи. Стопанска банка не одобрува ниту еден кредит каде што платата е повисока од една третина. Банката има партнерски однос кон населението и од тој аспект ќе воведе програма за долгорочно редоговарање на условите за оној што ќе даде доказ дека дошло до намалување на неговите доходи под една третина.
Кога би стартувала оваа мерка?
Банката сега е во тест-фаза. Тоа го прави со одреден број кредитобаратели од сферата на населението. Тоа е усогласување на отплатата на кредитот со новите приходи на кредитобарателот. Услов е кредитобарателот редовно да ги намирува своите обврски за да влезе во тој пакет. Значи, станува збор за здрави кредитоспособни клиенти и на тој начин банката сака да даде придонес за товарот на враќање на кредитот да биде усогласен со нивните приходи. Најверојатно, од 1 или 15 август ќе го правиме тоа со сите клиенти кај кои дошло до намалување на приходите. Оценуваме дека тоа ќе биде на ниво од околу 1 до 1,2 отсто од вкупното портфолио на банката.
Дали е голем бројот на станови од граѓани што сте ги заплениле. Колку рати треба да должи клиентот?
Во Стопанска банка процентот на клиенти кои се судираат со проблеми при враќање на кредитите е 1,8 отсто од вкупното кредитно портфолио. Од нив, околу 50 проценти успеваме да го разрешиме на тој начин што со клиентот постигнуваме некаков договор, и 50 отсто, значи околу 0,9 отсто, одат на извршување. Банката не зема станови. Ние работиме со парични средства, ги одобруваме кредитите во пари и сакаме да имаме наплата во парични средства.
Имате ли бројка колку станови се одземени?
Станбените кредити на Стопанска банка се на ниво од околу 70 милиони евра, а 0,9 отсто од нив се 650.000 евра, што оди преку присилна наплата. Тоа е бројката и можам да кажам дека овој процент не само кај станбените кредити туку и кај автомобилските кредити е многу низок. Тоа значи дека, прво, секој што доаѓа да бара кредит мора да биде убеден дека мора да го врати и, второ, и при најмалите промени во своите приходи клиентот треба веднаш да оди во првата филијала и да ги даде новите информации согласно со новонастанатата состојба на приходи. Понекогаш грешат и граѓаните. И покрај тоа што дошло до одредени промени, тие не ги соопштуваат кај банката или, пак, некогаш ненаменски ги трошат средствата.
Дали поради тоа е влошено кредитното портфолио на банката?
Лошите пласмани за портфолиото на банката се на ниво од околу 2,3 или 2,6 отсто, зависно од месец во месец. Кај станбените кредити се 1,8 отсто, кај автомобилските се 2,4 проценти, а кај компаниите се 2,4 или 2,5 отсто, за портфолиото креирано по 2000 година, во услови на рецесија. Тоа укажува на високиот професионализам на банката при одобрувањето на овие кредити. Исто така, тоа е признание и за нашите компании и за нашето население дека не спие ако има ненамирен долг. Односно, дека навистина сака да си ја одржува кредитната способност и репутацијата на високо ниво.
Дали продолжуваат повлекувањето на денарските депозити и нивното претворање во евра?
Економските субјекти се рационални суштества. Тие носат одлуки на база на ризиците што ги перципираат и на база на приносите што ги добиваат на одделни облици на имот. И од тој аспект, иако каматните стапки на денарските депозити се повисоки од девизните, тие особено некаде од ноември 2008 година, па до април оваа година, проценувајќи ги ризиците, почнаа да преферираат штедење во девизи. Оваа тенденција од април 2009 година е забавена, меѓутоа, тенденцијата се' уште постои. Тоа значи дека и населението и компаниите се сензитивни на несигурност, сензитивни на висок ризик. Во овој период посебен приоритет при носењето економски одлуки и економски политики треба да бидат стабилноста и сигурноста, а намалување на неизвесноста.
Дали се спасивме од девалвација?
Со сегашниот режим треба да ја пребродиме кризата и по пребродувањето на кризата, кога економијата ќе влезе во експанзија, кога неизвесните ризици ќе бидат минимизирани, може да размислуваме дали сакаме трајно да останеме со фиксен режим на девизен курс и да прогласиме дека ова е нашиот девизен курс со кој ќе влеземе во Европската унија и во еврозоната или, пак, сакаме некој друг режим на девизен курс. Меѓутоа, она што е битно за компаниите и за граѓаните е да биде елиминиран каков било ризик дека во наредниот период, во кој се' уште економијата ќе биде ранлива, ќе има каков било ризик од аспект на девизниот курс. |