Европа - Балкан
Претопло српско лето
Иван Торов
Од српската влада се очекуваат одговори зошто буџетскиот дефицит е драстично поголем отколку што беше договорено, а јавната потрошувачка и понатаму цвета
БЕЛГРАД - Топлото лето во Србија многумина ќе го запаметат барем по четири работи: астрономските температури и неподносливата жештина и се' поголемиот страв од пандемија на мексиканскиот грип, видливата неснаодливост на српската влада благовремено и на вистински начин да и' парира на светската економска криза, упадливиот триумф на овдешните политичари што и Србија се квалификуваше за навестеното укинување на визниот режим и речиси избезумената (државна) потрага по гробот на четничкиот командант Драгослав (Дража) Михајловиќ. Тука, секако, би имало место и за новите алармантни превирања на југот од Србија, медиумската експлоатација на прастарата тема за „тутунските мафијашки махинации на Мило Ѓукановиќ“, за токму започнатата правна, законска „сеча“ на политичките партии, кои за повторно да можат да бидат регистрирани, би морале да обезбедат 10.000 потписи од граѓаните, но и за измените на Законот за медиуми, кои во многу нешта потсетуваат на „монструозниот закон на Шешељ“ од времето на Милошевиќ, кога многу неподобни медиуми немилосрдно беа прогонувани.
Ако температурите од над 40 степени под сенка ги затекоа само оние кои се' уште не може себеси да си дозволат клима-уреди, една официјална процена на министерот за здравство, Томица Милосавлевиќ, и неговите соработници предизвика вистински шок во јавноста. Имено, од вирусот на мексиканскиот грип, на кого очигледно ниту жештините не му пречат забрзано да се шири, веќе од наесен би можеле да заболат меѓу 1,5 и 2,5 милиони граѓани на Србија. Огромното мнозинство, всушност, би имало поблага клиничка слика (доколку вирусот во меѓувреме не мутира во некоја уште поопасна форма), а најмалку 20.000 заболени би морале да бидат згрижени во болниците. Можеби ни тој податок не би бил толку шокантен ако министерот, во извесна смисла, не ги потврдеше претходните стравувања на јавноста дека државата допрва почнува сериозно да размислува за набавка на идните лекови, дека се' уште с�� лицитира со тоа колку вакцини ќе бидат потребни, како да се пронајдат пари, кои категории граѓани ќе бидат приоритетни и како да се спречи дефицитот од лекови (кој е повеќе од извесен) да стане повод за развивање немилосрдна корупција и препродажба. Стравот го зголеми и самиот министер со дискретно признавање дека мнозинството од заболените, најверојатно, ќе мора да се снаоѓаат како што знаат и умеат, но и дека „нема место за паника“.
Приближно такви и слични конфузни и збунувачки пораки од владата пристигнуваат и кога станува збор за уште едно тешко искушение на државата пред августовското соочување со мисијата на ММФ. Владата, во интерес на вистината, малкумина убеди дека нејзиното тврдење оти излезот од кризата веќе се наѕира е веродостојно, но, нема сомнеж - уште потешко ќе ги увери контролорите на ММФ дека прави се' аранжманот со оваа финансиска институција доследно да се примени. Од српската влада се очекуваат одговори зошто буџетскиот дефицит е драстично поголем отколку што беше договорено, а јавната потрошувачка и понатаму цвета. Покрај сето тоа, стравот од последиците од кризата го зголеми и министерката за финансии, Дијана Драгутиновиќ, со најавата дека лекот за недомаќинското однесување на државата би можел да се најде во воведување на уште еден, кризен данок на доход за граѓаните и зголемување на ДДВ од 18 на 19 отсто. Економистите во тоа гледаат убедлив индикатор дека владата не ја контролира ситуацијата и предупредуваат дека новите даночни оптоварувања би ја докрајчиле потрошувачката, но и дополнително би ја поттикнале (српски парадокс) и онака превисоката инфлација.
Но, сепак, владата успеа во нешто: најавата дека граѓаните од Србија, Македонија и Црна Гора од 1 јануари следната година без визи ќе патуваат во земјите на ЕУ одлично се вклопи во вообичаениот манир на власта со речиси триумфално форсирање на големината на тој „нов подвиг на српската дипломатија“ да се амортизираат многу помрачните оцени и процени за вистинската економска состојба и претстојните социјални и здравствени потреси. Еуфоријата, меѓутоа, не одговори на прашањето дали навестеното отстранување на понижувачките редови пред амбасадите на западните држави е доволна сатисфакција за фактот дека само десетина проценти од населението има пасош, а уште помалку може каде било да патува. Како што свесно ги премолчува и обвиненијата од опозиционите народњаци околу Воислав Коштуница дека со согласувањето дека визната либерализација не важи за граѓаните на Косово од српска националност, всушност, индиректно ја признава независноста на „соседната држава“.
Дали поради желбата да се оттргне вниманието на јавноста од тешките економски и социјални проблеми и да се спречи внатрешно (само)испитување за правните причини за блокираниот пат во ЕУ или, пак, затоа што оваа влада не може да се извлече, би се рекло, од хроничната и цврста прегратка на зголемените сили на конзервативната националистичка десница, па и политички и медиумски пренагласената потрага за гробот на командантот на Рамногорското четничко движење, генералот Дража Михајловиќ, стана поразителен „хит на сезоната“. Пред се', поради фактот што државата го презеде покровителството со ангажирање на сите свои потенцијали, од архивата, водечките медиуми, преку полицијата и Министерството за правда до Државната безбедност, за да го утврди местото на стрелање и погреб на „првиот антифашистички герилец во поробена Европа“.
Всушност, оваа кампања се толкува како увертира за следните потези: понатамошно јакнење на бранот на антикомунизмот, претворање на гробот (ако биде пронајден) во светилиште на најконзервативните сили и (формално) судско рехабилитирање на четничкиот водач, кој непосредно по Втората светска војна е осуден на смрт поради тешки воени злосторства и соработка со германскиот окупатор. Уште од моментот кога пред повеќе години владата на Ѓинѓиќ законски ги изедначи во правата припадниците на партизанското и четничкото движење, трае, повремено тивка, а често и мошне агресивна кампања, историјата (значи текот и исходот на антифашистичката војна) да се претстави во поинаква светлина. Малку по малку, фашистите стануваат „осведочени борци против фашизмот“, а антифашистите (партизаните) воени злосторници кои ја избегнаа осудата само затоа што од војната излегоа како победници. Затоа, судејќи според се', малкумина во Србија ќе бидат изненадени ако наскоро бидат судски рехабилитирани и Милан Недиќ, „српскиот Петен“, претседателот на окупационата влада, и Димитрие Љотиќ, најистакнатиот (воен) идеолог на германскиот нацизам.
|