Саркози застана на нозе
„Слабоста“ што ја почувствувал Саркози не била ниту предизвикана ниту оставила кардиолошки последици
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Париз - Во согласност со лекарите кои се грижеа за претседателот на Франција во воената болница Вал де Грас, Елисејската палата издаде соопштение дека кардиолошката опсервација на Никола Саркози завршила во понеделникот изутрина. За време на еднодневниот престој во една од најпрестижните болници во светот, на шефот на француската држава му беше извршена и коронографија - лекарски преглед, кој е типичен за француските болници кога ќе биде хоспитализирано лице со слични симптоми како тие на претседателот. Од детаљните лекарски прегледи произлегува дека „слабоста“ која ја почувствувал Саркози не била ниту предизвикана, ниту оставила кардиолошки последици. Не е откриен ниту еден електрокардиографски елемент на нарушување на ритамот на срцето. Анализите на крвта и електроцефалограмот и церебралниот скенер не откриле ниту една друга невролошка или метаболна причина или последица.
Дијагнозата со која Никола Саркози беше отпуштен на домашно лекување се должи на липотомичката слабост, предизвикана од физички напор на високи температури, при што тој не ја изгубил свеста, во еден контекст поврзан со преголема оптовареност од секојдневните работни задачи.
На францускиот претседател не му е препишан ниту еден лек, лекарите само му посоветувале да се одмора. Неговата агенда е олеснета, но, сепак, ќе претседава со Советот на министрите во среда – последен пред летните одмори.
Комуникето на Елисејската палата изненадува со неговата прецизност за симптомите, прегледите, дијагнозата и третманот на претседателот, што досега не беше вообичаено за француските претседатели. Па, и од самиот почеток на мандатот, иако Никола Саркози вети за време на претседателската кампања дека ќе биде транспарентен за својата здравствена состојба, тој не зборуваше многу за своето здравје. До последниве две комуникеа од Елисејската палата беа објавени само уште две други комуникеа, последното на 3 јули, во кое се велеше дека се' било в ред.
Во текот на 2008 година од Елисејската палата не беше објавен ниту еден здравствен билтен за состојбата на пре��седателот Саркози, кој последен пат беше в болница на 21 октомври 2007 година поради ангина, како што своевремено објасни неговиот специјален советник Хенри Гуено. Тогашниот портпарол Давид Мартино им објаснуваше на новинарите дека претседателството на Републиката не комуницира за „малите болки од секојдневниот живот“ на претседателот и само пред неколку месеци во една книга беше објавено дека ангината не била причина за хоспитализирањето во 2007 година, туку хируршката интервенција во грлото. По последниот инцидент на Саркози, кој се случи во неделата напладне во резиденцијата „Лантерн“ во Версај, на Елисејската палата и' беа потребни два часа за да и' се обрати на јавноста. Вистински рекорд во брзина, во споредба со досегашната практика на Елисејската палата. Од кабинетот на претседателот сигурно стравуваа дека неопштењето со медиумите може да предизвика многу повеќе шпекулации околу здравствената состојба на претседателот. И така скептиците не веруваат во верзиите дадени од Елисејската палата. Кога ќе се виде дека првата дијагноза за вагална слабост - намалување на крвниот притисок со намален пулс и речиси со губење на свест не е вистинската дијагноза, тоа остава многу простор за сомневање.
Педесет и четиригодишниот Саркози не е најмладиот претседател на Франција, помлад од него беше Валери Жискар Дестен на 48-годишна возраст. Тогаш и тој вети дека нема ништо да крие за својата здравствена состојба, особено ако се знае дека беше избран веднаш по смртта на Жорж Помпиду, кој почина по долго боледување од рак на коските, со што јавноста не беше запозната. Но, во текот на целиот мандат Жискар не даде никаква вест за својата здравствена состојба, но тој и денес е жив и неодамна беше на службено патување во Грција. Франсоа Митеран вети дека ќе биде транспарентен. Веднаш по неговиот избор во 1981 година му беше дијагностициран рак на простатата, но што беше обелоденето дури во 1992 година, само три години пред завршувањето на вториот мандат. Цело време Елисејската палата издаваше лажни коминикеа за добрата здравствена состојба на Митеран.
Здравствената состојба на Жак Ширак, исто така, беше непозната за јавноста. Кога тој беше хоспитализиран, исто така, во „Вал де Грас“ поради излив во мозокот, од Елисејската палата беше тајно пренесен во болницата од страна на жандармеријата, а неговиот премиер Доминик де Вилпан, инаку верен соработник, со тоа беше запознат дури ден подоцна. Во Франција здравјето на претседателот, и покрај привидната транспарентност, е државна тајна.
Во случај ако се покаже потреба од подолго отсуство на претседателот од функцијата, што моментно е не случај, францускиот устав предвидува негова замена од претседателот на сенатот, горниот дом на францускиот парламент. Тоа се случило два пати во Франција под Петтата република, оставката на генералот Де Гол на 28 април 1969 година и смртта на Жорж Помпиду на 2 април 1974 година.
Здравствените проблеми на францускиот претседател сигурно ќе се одразат на неговиот имиџ на „спиди Саркози“, „хипер“ или „омни“ претседател присутен на сите фронтови, со преоптоварена агенда во која се вметнува и практиката на исцрпувачки спортови, како велосипедизмот и трчање. Имено, слабоста Саркози ја почувствувал по интензивно 45-минутно трчање на висока температура. Ако неговиот имиџ биде и погоден, сепак, тој ќе добие симпатии кај обичните Французи, кои добро знаат дека на 54 години се' не е дозволено.
|