Поглед
Заборавени пациенти
Мирче Јовановски
Сознанието дека пациентите болни од малигни заболувања, или оние на кои треба да им се дијагностицира болеста, чекаат со недели да ги добијат наодите од извршените биопсии, ја шокира јавноста. Болната реалност засени и многу пожешки теми, со кои нашата земја изобилува со месеци.
Најпоразително од се' во целиот случај е што проблемот не настанал поради „виша сила“, немање препарати, или недостиг на стручни кадри, туку поради нешто сосема прозаично: надлежните не можеле да се согласат кој треба да ги плати таквите анализи. Од едната страна се клиниките во улога на нарачатели на анализите, кои тврдат дека Фондот за здравство веќе има издвоено средства, а од другата страна е Институтот за онкологија, кој го тврди спротивното.
И додека таквата „квадратура на кругот“ треба да се разреши страдаат, кој друг, ако не пациентите. Во меѓувреме, најповиканите, оние од Онкологија, од Фондот за здравство и од Министерството за здравство, се прават на удрено. Како небаре да станува збор за дилема на куќниот совет во некоја зграда кој треба да ги замени светилките во ходникот, а не за болни од најтешки заболувања на кои секоја минута им е драгоцена.
По вакви тешки гафови во здравството, тешко е да се најде оправдување за сите реформи под кои се правеа промените .
Кога во светот ќе се спомнат реформи, тоа по правило значи поместување кон нешто подобро, поефикасно и пополезно за граѓаните. Кај нас, од самото спомнување на зборот реформи, на луѓето им се крева косата на глава. Не е ни чудно, бидејќи реформите применети на домашен терен најчесто значат губење на работното место, помалку здравствени услуги, помали пензии, плати.... Во актуелниот случај, дури и губење живот. |