„Златна палма“, конечно, за францускиот филм „Меѓу ѕидовите“
Жирито почесните награди им ги врачи на ветераните Клинт Иствуд и Катрин Денев
Режисерот Лорен Канте ја прими „Златната палма“ заедно со целиот клас од победничкиот филм „Меѓу ѕидовите“
Сунчица Уневска
Престижната „Златна палма“ на 61. Кански филмски фестивал, кој заврши во неделата, ја освои францускиот филм „Меѓу ѕидовите“ на Лорен Канте. Ваквата одлука на жирито предводено од американскиот актер Шон Пен ги изненади сите, но не поради тоа што станува збор за слаб филм, напротив. „Меѓу ѕидовите“, кој е направен според книгата на младиот професор Франсоа Бегадо, и во документарно-играна форма жестоко ја доловува реалноста во едно училиште во париското предградие, ги одушеви сите, и публиката, и критиката и членовите на жирито. Станува збор за филм во кој глумат самите професори и деца од училиштето со мешан етнички состав, а во кој Канте успева да ја долови целата сложеност на општествената, социјална и политичка состојба во Франција.
Но, изборот на овој филм беше изненадување затоа што за првпат филм кој е прикажан последниот ден на фестивалот и како последен во рамките на главната програма, ја однесе наградата. Врежано е мислењето дека филмовите кои се ставени на крајот никогаш не победуваат, бидејќи нема време и никој сериозно не смета на нив, но, овој пат се покажа поинаку па критиките упатени до селекторот Тиери Фремо паднаа во вода. А другото изненадување беше за земјата домаќин, која секогаш има по две-три остварувања во главната програма, но цела 21 година нема добиено награда. Последната „Златна палма“ беше за „Под сонцето на сатаната“ на Морис Пиалат, кој тогаш беше жестоко исвиркан.
Двете награди на жирито на фестивалот, и Гран-прито и Специјалната награда им припаднаа на италијански филмови. Гран-прито го доби „Гомора“ на Матео Гароне, а Специјалната награда му припадна на „Божествениот“ на Паоло Сорентино. „Гомора“ е неверојатно силен филм за Неаполската мафија направен според бестселерот на Роберто Савијани. Савијани, како што велат, успева да ја раскринка мафијата до таму што сите се чудат како се уште е жив. Интересно е дека од објавувањето на книгата Савијани постојано има обезбедување. „Божествениот“, пак, е филм кој прави еден неверојатно откачен портрет на италијанскиот премиер Џулио Андреоти. Сорентино одушеви со начинот на кој ја направил оваа политичка сатира, во која зборува за неверојатни работи, а сето тоа го прави многу забавно и со многу хумор.
Двојните лауреати браќата Дарден и годинава не останаа без награда. За филмот „Тишината на Лорна“, во кој ја открија исклучителната албанска актерка Арта Доброши, тие ја добија „Палмата“ за сценарио. Додека наградата за режија му припадна на уште еден постојан кански автор, Турчинот Нури Билге Џејлан за семејната драма „Три мајмуни“. Џејлан досега три пати беше во конкуренција во Кан и има добиено награди, но никогаш „Златната палма“.
Наградите за улоги, исто така, отидоа во вистинските раце. Беницио дел Торо за одличната улога во која го оживеа кубанскиот револуционер Че Гевара, беше и најголемиот фаворит. Тој и режисерот Стивен Содерберг, како што кажаа на пресот, четиричасовниот филм „Че“ го подготвувале десет години, сакајќи да го направат што поавтентично. Во тоа, дефинитивно, успеале, а Дел Торо својата награда му ја посвети токму на Че Гевара, кој остана инспирација за младите во целиот свет.
Наградата за главна женска улога и припадна на Бразилката Сандра Корвелони за тешката ролја на мајка која има четири деца во филмот „Линија на издржливост“, и која се судира со проблемот како да излезе на крај сама со своите четири сина. Секој од нив има свој сон за тоа како да побегнат од сиромаштијата во Сао Паоло. Како што рекоа режисерите Волтер Салеш и Даниела Томас, овој лик тие го замислиле како прототип во кој е олицетворена бразилската мајка, која многу често на своите деца им е и мајка и татко.
Почесните награди годинешното жири, кое донесе многу реални и респектабилни одлуки и кое за првпат во историјата на фестивалот излезе на прес за нив и да ги образложи, им ги додели на двете икони, американскиот актер и режисер Клинт Иствуд и француската актерка Катрин Денев, кои имаа филмови во конкуренција.
Наградата „Златна камера“, која се доделува за прв игран филм, му припадна на британскиот режисер Стив Меквин за филмот „Глад“, инаку направен според вистинските настани во затворот во Северна Ирска, кога припадникот на ИРА Боби Сендс ќе умре од штрајк со глад. Наградата во програмата „Недела на критиката“ ја доби доста солидното деби „Снег“ на младата босанска авторка Аида Бегиќ. Додека наградата на критиката „Фипресци“ и припадна на прекрасната визуелна и храбра поема „Делта“ на Корнел Мондрузо од Унгарија.
Главната награда во силната паралелна програма „Извесен поглед“, чие жири го предводеше германско-турскиот режисер Фатих Акин, ја доби казахстанскиот филм „Тулпан“ на Сергеј Дворцев. Наградата на жирито во оваа програма ја доби јапонскиот „Токиска соната“ на Киоши Куросава, а во рамките на оваа програма награди добија и германскиот „Облак 9“ на Андреас Дрезен, „Тајсон“ на Џејмс Тобак, а наградата на надежта ја доби францускиот „Џони бесно куче“ за децата во Либерија.
Годинава Канскиот фестивал иако почна со просечни остварувања од кои неколку незаслужено добија доста високи оценки на критиката, сепак, се покажа како многу плодна и бериќетна. Имено, во втората половина од фестивалот дојдоа исклучителни остварувања, „силни, емотивни, возбудливи“ како што на крајот рече Шон Пен, филмови за кои жирито помислило дека не може да биде подобро. Навистина, трката подоцна се изедначи и одлуката веројатно беше многу тешка. Но, жирито заврши одлична работа и успеа да донесе вистински одлуки. Оваа година спојот на големи автори и поранешни лауреати, но и на дебитанти овој пат, сепак, донесе добар избор. Така, ова издание во Кан имаше се', и гламур и атракција и, што е најважно, добри филмови, кои кога ќе помине се', сепак, единствено се паметат. |