Европа-Балкан
Европското лице и опачина
Иван Торов
Социјалистите избираат: меѓу старата политика со народњаците и со радикалите или „перење“ на минатото со проевропската коалиција
БЕЛГРАД - Еуфоријата на гламурозниот „Евросонг“ги засени, макар само неколку дена, сите други случувања во Србија. Навистина, во она што можеше да види и слушне публиката, не остана ни трага од „старата добра Песна на Евровизија“, многу СМС- гласови на „своите“ направи и оваа манифестација да стане дел од еден нов колорит настанат со прекомпозиција на државите и народите по распадот на советската соц-империја и балканските војни. Една добра музичка забава, во меѓувреме, стана основа на своевидна војна на Исток и Запад, во која се покажа и сега, овие вторите немаа никаква шанса. Гласот на дијаспората беше решавачки Русија да победи убедливо, што, на крајот на краиштата, и не беше воопшто битно, зашто „европскиот жур“ во Белград беше навистина впечатлив.
Ако засега би се занемарила процената колку тој досега најголем и најгламурозен музичко-сценски спектакл ќе ја чини осиромашената Србија и кој на крајот ќе ја плати таа цена, поважно од тоа е фактот што таа, по долга низа години, повторно стана центар на светот, го покажа своето „убаво европско лице“. Случајот сакаше река туристи, музички експерти, продуценти и навивачи, бизнисмени и „ловци“ на таленти, да се слее на утоката на Дунав и Сава токму во моментот кога овде се води жестока политичка постизборна битка - каде ќе оди Србија. Можеби некој шеретски би забележал дека, ете, и „Евросонг“ ја прекрши предизборната тишина пред вториот круг (мнозински) избори во Војводина, во кои пред два дена проевропските сили тотално ги победија радикалите и народњаците. Така, Војводина ја избегна стапицата на политичка дестабилизација и нема да биде претерување да се каже дека успехот на европската опција би можел (но и не мора) да пресуди во претешката дилема на лидерот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ - кон кого ќе се приклони. На радикалите и на народњаците, на кои, и покрај се', природно им припаѓаат, но кои бележат се' потешки порази, или, пак, на Тадиќевите Европејци, кои на нереформираните социјалисти на Милошевиќ им нудат излез во Европа, добар дел од колачот на власта, социјални реформи и влегување во Социјалистичката интернационала. И сето тоа поради 20-те освоени пратенички мандати, без кои ниеден од ривалските табори не може да состави влада.
Односно, дали ќе продолжат по старо слушајќи ги налозите на Воислав Коштуница (кој сака трет премиерски мандат), а посебно главниот газда од хашката судница, Воислав Шешељ. Или, можеби, ќе ја искористат единствената прилика да го „измијат“ своето национал-социјалистичко минато, да избегнат секаква одговорност за жртвите и заканите што им ги приредија на народите на бивша југославија и да тргнат по некој нов, помодерен пат. Кога човек ги слуша демократите на Тадиќ, социјалистите се „чисти“, идејно поблиски на нив како социјалдемократи, па нема никаков проблем, без грижа на совест, да се приклучат кон проевропските сили и да формираат влада со коалицијата „За европска Србија“.
Дачиќ, логично, не се изјаснува ниту му се брза. Патуваше во Москва, на „консултации“ (некои велат, со вдовицата на Слободан Милошевиќ, други, со руски официјални лица), во меѓувреме замина во Атина, каде што разговараше со Јоргос Папандреу за евентуално зачленување во Социјалистичката интернационала ако влезе во коалиција со Тадиќ, отпатува и во Европскиот парламент, а цело време, всушност, преговара со Коштуница и со радикалот Николиќ. Да биде иронијата поголема, ако нема некој ненадеен пресврт, Белград, судејќи по се', и со волјата на социјалистите, ќе припадне на народњачко-радикалската коалиција, со Александар Вучиќ на местото градоначланик, што, нема сомнение, ќе биде тежок удар на проевропските сили со оглед дека главниот град е економски и финансиски ’рбет на Србија. Демократите засега не помислуваат на можен расплет: Белград на радикалите и на народњаците, Србија на европската коалиција, но не е исклучено на тоа да се согласат сите заради освојување на републичката власт. Настрана фактот дека една таква комбинација би била повод на постојани конфронтации и судири и заемни блокади.
Што се однесува, пак, до составувањето на републичката влада, социјалистите, сосема извесно, ќе одолжуваат со конечната одлука колку што можат. Не само затоа што стравуваат од негативни реакции на избирачкото тело и старите кадри во кои Милошевиќ и натаму е неприкосновена икона, туку и поради своите коалициски партнери со кои заработија 20 мандати и кои малку поинаку гледаат на сојузот со радикалите и со народњаците. Додека Драган Марковиќ-Палма, газда од Јагодина, следбеник на ликот и делото на Аркан, лидер на Единствена Србија, сега ја пее европската песна („Патриотизмот не се товара во трактори“) барајќи да се прекинат преговорите со Коштуница, лидерот на Партијата на пензионерите, Јован Кркобабиќ, го интересира дали може без европските пристапни фондови да се оствари планираното зголемување на пензиите според швајцарскиот модел (половина животни трошоци, половина раст на заработувачките).
Всушност, се' се врти околу судбината на потпишаната Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ, која може да стане точка на несогласување на Коштуница и Николиќ, од една, и Ивица Дачиќ, од друга страна. Социјалистите се против понишување на спогодбата, додека емисарите на Воислав Коштуница и натаму испраќаат пораки дека, штом ќе ја преземат власта, ќе се откажат од тој документ (зашто тоа, всушност, било и наше главно предизборно ветување“, сметајќи го нејзиното потпишување „предавнички чин на српското признавање на независноста на Косово“. Во меѓувреме, меѓутоа, токму поради стравот дека социјалистите би се свртиле кон демократите, радикалите и народњаците донекаде го релативизираат тој свој став, па и конечното откажување од него практично им го исфрли од рака главниот аргумент на амбицијата на Тадиќ да склучи коалиција со Дачиќ. Се разбира, тоа дополнително ја искомплицира ситуацијата и преговорите за формирање влада го пролонгира за цело лето.
Најинтересно во сето тоа е што во актуелната борба за власт, предизборната громогласна грижа на Коштуница, Николиќ и на Дачиќ за Косово е турната на маргините. |