Барселона внимателна поради Клементе и Валјадолид
Каталонците го преживеаја трилерот во Севилја (3:2), но Гвардиола предупреди дека останува уште еден тежок меч
Во трилерот во Севилја Барселона славеше со 3:2 и со тоа ја задржа предноста од еден бод во однос на единствениот конкурент за титулата Реал М., кој го совлада Атлетик Билбао со 5:1. Во последното коло Барселона на својот „Ноу камп“ го пречекува Валјадолид, а Реал М. и гостува на Малага - и двата тима се борат за опстанок.
Како и да е, ништо не навестуваше дека Барселона ќе се доведе во ситуација на крајот да го брани огромното водство од 3:0, кое го стекна за неполн час (Меси, Кркиќ, Педро), но Севилја го докажа спротивното - постигна два гола преку Фабијано во 69 и Кануте во 71 минута и тоа со играч помалку (во 56 минута беше исклучен Конко). До крајот Барса и нејзините навивачи трепереа, но ги издржаа маките.
По завршувањето на драмата тренерот Пеп Гвардиола кажа дека и наредниот натпревар ќе биде подеднакво тежок како овој.
„Голема среќа е што се' држиме во наши раце. На Валјадолид му треба победа ако сака да остане во лигата. Познавајќи го Хавиер Клементе работата навистина ќе ни биде отежната. Мора да се поставиме исправно - да, титулата се' уште не е наша. Направивме голем чекор, но не очекува уште многу работа, пот и трчање до конечната цел“, предупреди Гвардиола.
И првиот човек на Реал, Мануел Пелегрини, истакна дека никој нема намера да се предаде предвреме, иако признава дека видел разочарување на лицата на своите фудбалери. „Севилја е многу понезгоден противник отколку Валјадолид. Но, никогаш не знаете што може да се случи. Мора да го задржиме оптимизмот, надежта е најмалото нешто што може да го направиме“, посочи Пелегрини.
Инаку, шпанските медиуми по натпреварот на Реал М. напишаа дека 33- годишниот Гути веќе се договорил со Галатасарај. Тренерот на турскиот тим Франк Рајкард и управата на Галатасарај се подготвени да му понудат на Гути богат двегодишен договор. Гути е цели 15 години дел од Реал, а има 516 настапи, три титули во ЛШ и пет во Примера.
Паралелно со ова вест, која изгледа сосема реално, стигна и онаа која изгледа невозможно. Имено, претседателот на Реал М., Флорентино Перез ја испровоцира Барселона нудејќи и 140. милиони евра за никој друг, туку за Меси, велејќи дека Аргентинецот мора да игра за најголемиот клуб. Тоа е практично сумата која според договорот на Меси со Каталонците, значи негово заминување, се разбира доколку сака. Во таков случај Барселона би била немоќна да го задржи.
Сето ова, како што кажавме, изгледа беспредметно, иако досега се случувало некои играчи да ги сменат најконкурентните дресови. Луис Фиго за тогаш рекордни 54,3 милиони евра во 2000 година премина од Барса во Реал М, а Луис Енрике без отштета стигна во Барселона.
Давид Силва сака во МанЧестер Ј.
Играчот од средниот ред на Валенсија Давид Силва не би имал ништо против да премине во Манчестер јунајтед, кој исто така не крие дека е заинтересиран за шпанскиот репрезентативец.
„Кога ќе слушнете дека некој така голем клуб како Манчестер Ј. е заинтересиран за вас тогаш не може да не бидете среќни. Знам што значи Премиерлигата, тоа е најсилната лига во последните неколку години. Доколку стигне и официјална понуда тешко дека ќе одолеам“, потенцира Силва.
Викендов пред последното коло во Премиерлигата ѕвездата на Манчестер јунајтед Вејн Руни преку медиумите го замоли Алекс Фергусон да донесе двајца екстра класа фудбалери.
„Доколку купиме двајца големи фудбалери ќе бидеме во добра ситуација да се вратиме на позицијата најдобар тим. Ако го погледнете кадарот во последните три шампионски сезони не може да го пропуштите податокот дека имавме четири одлични напаѓачи, од кои секој беше способен да забие во било кое време. Сезонава постигнав 26 гола, ама тоа не е мојата најефикасна сезона. На 11 години дадов 76 гола. Сепак, ова е мојата најуспешна сениорска сезона“, се пошегува на крај Руни. |