Финалето во Купот на 26 мај, место на 24
Мечот за титулата во Купот на Македонија меѓу екипите на Работнички и Тетекс ќе се одигра на 26 мај на националната арена „Филип Втори“ во Скопје со почеток во 16 часот, а не на 24 мај како што беше првично предвидено. Вака реши управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата петта седница што викендот ја одржа во Прилеп.
Причина за поместувањето на финалето во националниот куп е стартот на Европското првенство за фудбалерки до 19 години што ќе стартува на 24 мај и ќе трае до 5 јуни.
Управниот одбор на ФФМ ја прифати оставката на досегашниот претседател на Судискиот одбор, Боро Мадиќ и на негово место го назначи Раско Мишковски од Скопје. (С.Д.) |