Ван Гал полеан со шампионско пиво од традиционалните Баварци
Баерн (М) викендот ја прослави 22. титула во Бундеслигата на начин што не му е омилен на педантниот Холанѓанец
Баерн Минхен, викендот и официјално, ја прослави 22. шампионска титула во Бундеслигата и догодина, заедно со Шалке 04, ќе ја претставуваат Германија во Лигата на шампионите. Преку квалификациите за ЛШ ќе се обиде да им се придружи и третопласираниот Вердер, а Баер Леверкузен и Борусија Дортмунд изборија место во Лига Европа. Германската фудбалска елита ја напуштија Херта и Бохум. Нивните места ќе ги заземат Кајзерслаутерн и Сент Паули. За 18 учесник во бундеслигашката конкуренција за наредната натпреварувачка сезона ќе разигруваат Нирнберг и Аугсбург.
Баварците ставија печат на трофејот по ревијалниот дуел на Олимпискиот стадион во Берлин против Херта во кој конечниот епилог беше во склад со пласманот на табелата. Лидерот славеше над фенерџијата со 3:1 со головите на Олиќ во 20 минута и Робен во 74 и 87, почесниот погодок за новиот германски второлигаш беше дело на Рамос во 60 минута од натпреварот.
Тренерот на Баерн (М), Луис ван Гал, им објасни на своите играчи дека не сака да биде полиен со пиво при прославата на титулата. Но, се чини воочи дека залудно им го порачува тоа, па затоа на полувреме презеде дополнителни мерки. Претпоставуваше дека успехот ќе се прослави на традиционален начин и на полувреме од соблекувалната, наместо во костум, излезе во тренерки. И погоди. По последниот судиски свиреж фудбалерите со задоволство му се нафрлија и го полеваа со пиво. Од таа причина Холанѓанецот признава дека чувствува непријатност. Го очекуваат уште два финални меча со Баварците до крајот на сезоната. Едното е во германскиот куп против Вердер, второто во ЛШ против Интер.
„Секогаш користам гел и лосион по бричење. По ова сега цела вечер ќе мирисам на алкохол“, рече Ван Гал и додаде:
„Им реков на фудбалерите дека не сакам да ме полеваат со пиво затоа што мислам дека не морам да носам резервен костум“.
Причина за задоволство има и неговиот сонародник Марк ван Бомел (33). Тој стана првиот странски капитен што го предводеше Баерн Минхен го шампионскиот пехар во домашното првенство.
„Ова е специјално искуство за мене. Бев капитен во Ајндховен во трите титули што ги освои тимот во холандското првенство, но ова е прва за мене со Баерн Минхен. Неверојатно. Успехот ме прави да се чувствувам гордо. Сега не смееме да се опуштиме. Мора да останеме цврсто на земја. Имаме уште обврски во оваа сезона. Ако се загубиме, тешко ќе се вратиме“, дополни Ван Бомел.
Бундеслига, 34., последно, коло
Резултати: Херта - Баерн Минхен 1:3, Хофенхајм - Штутгарт 1:1, Вердер - Хамбургер 1:1, Фрајбург - Борусија Дортмунд 3:1, Мајнц 05 - Шалке 04 0:0, Борусија Менхенгладбах - Баер Леверкузен 1:1, Бохум- Хановер 96 0:3, Нирнберг - Келн 1:0, Волфсбург - Ајнтрахт Франкфурт 3:1.
Табела: Баерн Минхен 70, Шалке 04 65, Вердер 61, Баер Леверкузен 59, Борусија Дортмунд 57, Штутгарт 55, Хамбургер 52, Волфсбург 50, Мајнц 05 47, Ајнтрахт Франкфурт 46, Хофенхајм 42, Борусија Менхенгладбах 39, Келн 38, Фрајбург 35, Хановер 96 33, Нирнберг 31, Бохум 28, Херта 24. |