Поразените не се паметат, но Партизан ќе остане во меморијата
Олимпијакос во продолжението успеа да се избори за вчерашното финале против Барселона
Крај на партизановата евролигашка бајка. Олимпијакос ја крена рампата во полуфиналето (83:80 во продолжението), па така црно-белите останаа пред вратите на финалето, во кое се најде и Барселона, откако ја совлада ЦСКА Москва.
Грчката „Контра“ триумфот на Олимпијакос го наслови користејќи само еден збор: „Партизани“, а во својата анализа нагласува дека Олимпијакос морал од првата минута да се снаоѓа против зонската одбрана на Вујошевиќ, што барало брза транзиција на топката и градење на позиција за шут, а потоа на сцена стапи Чајлдерс: „Вадејќи го костенот од оганот, одлично реагираше на промашениот шут на Теодосиќ и со забивање го одведе Олимпијакос во продолжение“, потсетува „Контра“. Во него Олимпијакос ги искористи првите четири напади, Бурусис фати три топки во нападот, а Рашиќ имаше можност со удар за три да донесе и ново продолжение.
„Елефтеротипија“ пишува дека Олимпијакос чекал 13 години на финалето и го дочекал на најдраматичен начин. Весникот потсетува дека Тео Папалукас својот осми настап на завршниот турнир го започнал пред својот роденден. „Неверојатно чувство. Беше навистина филмски, а јас остарев за време на овој дуел. Влегов во него со 32 години, а излегов со 34“, кажа Папалукас.
Тренерот на Партизан, Душко Вујошевиќ, кој на магичен начин од Партизан секоја година прави се' поголемо чудо кажа дека е тенка линијата што го раздвојува доброто од лошото, среќата од тагата. „Многупати сезонава славевме во последните моменти. Мора да прифатиме дека не можеме секогаш да бидеме на таа страна од линијата. Горд сум на моите играчи. Игравме борбено и тимски, без било какво солирање. Сега може само да си зборуваме што ќе беше ако беше. Доколку Теодосиќ го погодеше барем обрачот ќе немаше време Олимпијакос да постигне кош. Но, видовме што значи искуството на Чајлдерс и на Папалукас. На моите играчи тоа може да им е само од корист“, вели Вујошевиќ.
И неговиот колега Панајаотис Јанакис призна дека на победничката страна можеше да биде и Партизан. „Одличен меч. Можеше да се види сета убавина на овој спорт. Партизан е тим кој сезонава приреди огромно изненадување. Оние кои го гледа натпреварот сигурно уживаа. На крајот Теодосиќ му се заблагодари на Чајлдерс: „Лошо шутирав. Видов дека топката оди премногу во лево. Но тогаш од никаде се создаде Џош. Му го должам животот“, кажа Теодосиќ. |