Доминик Штрос Кан: Итно „чистење“ на финансискиот сектор
Женева - Светот западна во економска криза која не може да се надмине доколку не се пречисти и стабилизира финансискиот сектор, оцени вчера извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Штрос Кан. Тој истакна дека тековната економска криза ќе предизвика масовна невработеност и милион луѓе ќе ги втурне во сиромаштија, заканувајќи се да предизвика и социјални немири, па дури и војна, доколку не се преземат соодветни противмерки. „Ситуацијата е едноставно грозна“, предупреди Штрос Кан. Штрос Кан ја потврди претходната процена на експертите на ММФ дека глобалната економија годинава ќе оствари негативен пораст меѓу минус 0,5 и минус еден отсто, што ќе биде прв таков случај по пет децении постојан пораст. Тој додаде дека негативната стапка на економскиот пораст во развиените земји годинава ќе биде уште поголема, просечно околу три отсто, што е повоено рекордно ниво.И покрај лошите процени за стопанска експанзија во 2009 година, ММФ верува дека заздравување на светската економија е можно да се очекува во текот на следната година. (МИА) |