Странците се' помалку бараат наши производи
Тековната економска состојба на претпријатијата во преработувачката индустрија во февруари се оценува како многу понеповолна во однос на претходните месеци. Ова е резултатот од истражувањето на Државниот завод за статистика, спроведено меѓу раководителите на претпријатијата во преработувачката индустрија.
Обемот на производство на претпријатијата во изминатите три-четири месеци опаѓа, а продолжува да опаѓа со поголемо темпо и во тековниот месец.
Оцената за тековната обезбеденост на производството со порачки и за очекуваниот обем на производство за наредниот период бележи многу неповолна состојба, како и оцената за очекуваниот број вработени. Залихите на суровини и репроматеријали и тековните набавки се под нормалата, а залихите на готови производи во февруари 2009 година се многу помали во споредба со претходниот месец. Просечното искористување на капацитетите на претпријатијата во февруари 2009 година во однос на претходниот месец е намалено и изнесува 55,2 отсто од нормалното искористување. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството во февруари 2009 година имаат следниве фактори: недоволната странска побарувачка со 25,2 отсто, недоволната домашна побарувачка со 17,1 процент, неизвесното економско опкружување со 13,3 отсто. (Макфакс) |