На самитот ќе се служи евтино „антикризно мени“
Лондон - Учесниците на самитот на Г-20 во Лондон на 2 април, на кој ќе бидат разгледани начините за борба со светската финансиска криза, ќе бидат нагостени со „антикризно мени“ од обични јадења од британската кујна, приготвени од не многу скапи продукти, соопшти весникот „Сандеј тајмс“. Британските организатори сакаат да го избегнат повторувањето на непријатната ситуација од минатата средба на Г-8 во Јапонија, на која една од темите беше проблемот со прехранувањето во светот, а на учесниците во форумот им беше сервиран ручек од 18 различни јадења, забележува весникот, повикувајќи се на извор од Даунинг стрит 10.
За приготвување на работниот ручек британскиот премиер Гордон Браун го покани младиот, но светски популарен готвач Џејми Оливер, познат како приврзаник на вкусната, но евтина и едноставна за приготвување храна, во духот на националната кујна. (МИА) |