Ќе има протести во Лондон за време на самитот на Г-20
Лондон - Антиглобалисти, анархисти и припадници на разни левичарски организации од Велика Британија и од странство ќе се соберат во Лондон деновиве на одржувањето на светскиот самит на 20-те најразвиени држави и на земјите со најбрз развој, закажан за почетокот на април. Британската полиција забрзано се подготвува за самитот, ангажирајќи неколку илјади полицајци, вклучувајќи ги и оние за пресметка со насилни демонстрации и протести.
Полицијата веќе ги има посебно предупредено банкарите и вработените во лондонскиот финансиски центар Сити, во чиј нов дел на крајниот исток од градот ќе се одржува самитот, во деновите непосредно пред почетокот на конференцијата и посебно за време на нејзиното одржување да се облекуваат „помалку впечатливо“. Експерти на полицијата велат дека ваквата препорака не е ниту малку необична, бидејќи безбедносните служби имаат сознанија за подготовките на анархистите за Г-20, кои на своите Интернет-страници објавуваат прогласи дека „секој треба да запали по еден банкар“ и подготвуваат транспаренти на кои има нацртани обесени банкари.
Претставник на полицијата и на службите што ќе водат грижа за безбедноста на самитот изјави дека тие денови Лондон „ќе биде исполнет со гнев кон банкарите“, откривајќи дека ќе бидат организирани четири масовни протестни поворки што ќе тргнат од центарот на градот и ќе се упатат кон седиштето на британската централна банка Банката на Англија, која се наоѓа во средиштето на стариот финансиски центар Сити.
Организаторите на протестите објаснија дека „четирите прошетки“, како што ги нарекуваат протестните поворки, се четирите јавачи на апокалипсата кои во оваа пригода ќе бидат преименувани во „војна, климатски промени, финансиски злосторства и без исклучок“.
Лондонските медиуми тврдат дека антиглобалистичките и анархистичките демонстранти се подготвуваат на чело на поворките да постават деца за да го спречат остриот одговор на специјалните полициски сили. (МИА) |