Гостиварец спаси дете – давеник во Вардар
Десетминутната драма завчеравечер заврши со среќен крај, благодарение на 30-годишниот Фидан Фазли
Киро Кипроски
ГОСТИВАР - Триесетгодишниот гостиварец, Фидан Фазли, десет минути се бореше со брзите и студени води на Вардар за да му го спаси животот на седумгодишниот Субихан Бајрамовски, кој се давеше во реката. Драмата се случуваше завчера во 19,15 минути во гостиварската населба Голем Пазар, низ која минува реката Вардар.
Репортерот на „Утрински весник“ од Гостивар беше очевидец на случката, која заврши среќно за малиот Субихан, кој беше изваден од студените води на Вардар, без повреди и без последици. По извршениот лекарски преглед во гостиварската болница, детето беше пуштено дома.
Се' започна додека малиот Субихан со другарчињата играше фудбал на зелената површина од десната страна на кејот на реката Вардар. Во еден момент се стрча да ја фати топката, при што се лизна на тревата и падна во реката. Сево ова се случуваше во близина на пешачкото мовче, во непосредна близина на салонот за мебел „Монтенегро“.
Глетката беше стравотна. Другарчињата и децата што играа на кејот, кога го забележаа детето како падна во реката, почнаа да викаат и да бараат помош од минувачите за да го спасат детето, кое почна да се дави.
„Го слушнав врескотот на луѓето. На татко ми му реков да го застане возилото, излегов од него и без двоумење се фрлив во водите на Вардар“, ни изјави Фидан Фазли, веднаш по излегувањето од реката, истоштен и посинет од ладните води. Тој кратко повторуваше дека не сторил ништо посебно.
„Тоа треба да го стори секој што се чувствува силен и моќен да спаси човечки живот, да го оттргне од смртта од надојдените и брзи води“, вели „херојот“, како што го нарекоа децата, 30-годишниот келнер, Фидан Фазли. Разговорот го продолживме петнаесетина часа потоа во сендвичарата „Мал чардак“ во Гостивар, каде што работи.
„Одевме да му купиме на внукот дневна соба во салонот на „Монтенегро“, но, пред да стигнеме, синот ми вели: ’Застани, застани, се дави дете во Вардар, ќе се фрлам да го спасам’“, раскажува таткото на Фазли, Али.
Гостиварецот вели дека во моментот додека се фрлал во реката, единствена мисла му била да го спаси животот на детето. „Верував во себе дека сум силен и искусен пливач. Бев одлучен да сторам се' за да го спасам животот, исто како некој да го спасува и моето петгодишно дете“, вели Фазли.
Тој објаснува дека водата ги носела триесетина метри додека се обидувал да го држи детето на површината на водата и да испливаат кон брегот.
„Конечно, водата ме исфрли покрај брегот, пред големиот мост во непосредна близина на гостиварската кланица, каде што успеав да застанав на нозе. Со едната рака се држев за бетонското корито, а со другата рака го подигнав детето и три момчиња го зедоа. Потоа и мене ме извлекоа од водата“, раскажува гостиварецот.
Таткото на Субихан, Осман, е пресреќен бидејќи неговиот син беше спасен. Како благодарност, тој го посетил спасителот на својот син за да му се заблагодари. Тој ќе бара од надлежните институции Фазли да биде прогласен за херој поради храброста што го спаси неговото дете. |