ЕДИТОРИЈАЛ
Верскиот самит помина, пропустите останаа
Билјана Јовановска
И на Втората светска меѓурелигиска конференција во Охрид и' појде од рака да го направи она што е ретко остварливо. Без оглед на непризнатиот статус на Македонската православна црква, на верскиот самит присуствуваа и без предрасуди се дружеа великодостојниците на Руската православна црква, на Антиохиската, на Албанската, Сириската, висока делегација на Католичката црква, испратена од папата Бенедикт Шеснаесетти, многу рабини, евангелско-методистички пастири, будисти, следбеници на Харе Кришна...
Иако официјален организатор беше Министерството за култура, во Охрид, безмалку, во улога на домаќин беше и дел од врвот на МПЦ, што е добар потег, бидејќи таму беа нивните „колеги“ и експерти, кои се занимаваат со религија. Факт е дека во Охрид не дојдоа нашите соседи - пред се', претставниците на Бугарската и на Грчката црква, но Српската, во последен миг, како што забележа еден наш владика, „го обели образот“ со потегот на тузланско-зворничкиот епископ Василие, кој како претставник на СПЦ го испрати својот протосингел, отецот Петар. Затоа, пак, своја висока делегација имаше московскиот и серуски патријарх Кирил, предводена од јарославскиот и ростовски митрополит Кирил, кој не само што учествуваше во работата на Самитот туку својата почит кон МПЦ ја манифестираше и преку промоцијата на книгата на игуменот Никола од Мариовскиот манастир.
По ваквиот прв собир, кој во 2003 година го иницираше покојниот претседател Борис Трајковски со форумот „Дијалог на цивилизациите“, ова што годинава се организираше втор пат е достојно продолжување на идејата, барем на неколку дена, Охрид да стане светски духовен центар.
Бројот на верските лидери беше помал отколку на претходната Конференција, пред се', нивото на гостите, меѓутоа, ова е единствена можност над 300 припадници на најразлични верски заедници да ја посетат нашата држава и, што е многу поважно, да видат дека на овие простори постои и функционира црква, која, за жал, се' уште не е призната од православниот свет. Едноставно речено, да видат дека постојат древни цркви и сведоштва дека ниту МПЦ ниту Македонија не се дрво без корен.
Меѓутоа, иако општата оцена за охридската Конференција е позитивна, на наредната, третата, која ќе се одржи во 2013 година, не смеат да се повторат некои организаторски грешки, кои само навидум се мали. Пред се', присуството на толку духовници и лаици во Охрид, од стапнувањето на негова почва мора да се искористи за максимално запознавање со неговите најатрактивни древности. Да се видат на почеток како дел од програмата, а не се' да се сведе на инциденти прошетки на неколкумина одбрани духовници или на оние што ќе посакаат.
Агендата на конференцијата беше исклучително набиена и единствената релација на учесниците им беше патеката меѓу хотелите „Метропол“ и „Белви“. А бидејќи еден дел од нив поради авионските врски со своите земји не останаа до крај, освен езерото, не видоа ништо друго. Иако, целта на Конференцијата е многу подлабока.
Меѓу над 300 учесници и гости на верскиот самит, сигурно имаше многумина што се исклучително важни, а, сепак, останаа незабележани. Организаторите и овој пат заборавија за оние „главните“ да извадат одредени податоци што ќе им користат на новинарите, за нивно подобро претставување. Вака, како гаф од Конференцијата, која држи до својот квалитет и во која очигледно е вложено многу работа и пари, ќе остане да се прераскажува анегдотата дека некои медиуми го најавија присуството на Бутрос Бутрос Гали. Неговото име стоеше во програмата, а остана нејасно зошто никој од организаторите не се погрижи да информира дека високиот гостин го откажал доаѓањето, па некои колеги, не по нивна вина, си изрезилија поради туѓа грешка. |