Жените-фармери во Африка во борба со гладта
Жените го носат товарот на производство на храна во Африка и во Азија
ЛОНДОН - Како многу африкански жени, Мазое Гондве е главниот снабдувач на храна за семејството. Во последно време таа се обидува да го обработува нејзиното земјиште во Малави, со оглед на непредвидливите дождови кои уште повеќе го отежнуваат нејзиниот тежок живот. „Сега не можеме да зависиме од земјоделство кое се наводнува со дождови, затоа садиме два посева - еден кој се наводнува со дождот и еден за кој е потребно наводнување“, објаснува таа. „Меѓутоа, наводнувањето е заморно и може да трае четири часа дневно“.
Гондве, која овој месец со помош на агенцијата за развој „Екшнејд“ присуствуваше на разговорите на ОН за климатски промени во Полска, рече дека сака пристап до технологијата што ќе го намали времето потребно за наводнување на нејзиниот посев и за обработување на нејзината градина. Таа, исто така, со задоволство би помогнала да се подобрат можностите за складирање и видовите на семиња. „Како локален фармер, знам што ми е потребно и знам што успева. Растев во областа и знам како се менува системот“, вели Гондве.
Годинава земјоделските експерти ги обновија повиците до креаторите на политиката да посветат поголемо внимание на жените фармери со мал капацитет, како што е Гондве, кои одгледуваат до 80 отсто од производите за исхрана во Африка. По неколку децении на политичка запуштеност, земјоделството стана жешка тема оваа година, кога меѓународните цени на храната достигнаа рекордни вредности во јуни, со што значително се зголеми гладот во светот. Делот од помошта за развој што се троши на земјоделие опадна на само 4 отсто, од максимумот од 17 отсто во 1982 година.
Поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан ги повика жените да бидат во центарот на „политичката револуција“ за зголемување на земјоделството со мал капацитет во Африка. Жените традиционално го носат товарот на производство на храна во домаќинството и во Африка и во Азија, додека мажите се со тенденција да се фокусираат на одгледување посеви кои донесуваат добивка или мигрираат во градовите за да најдат платена работа. Сепак жените поседуваат мал процент од земјиштето во светот - некои експерти велат само 2 отсто - и добиваат само околу 5 отсто од услугите за информирање во земјоделството и обука. (Ројтерс)
|