И психијатрите против кризата во Русија
Полицијата и лекарите предупредуваат дека кризата ќе го зголемува бројот на самоубиства и криминал
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Економската криза, отказите и се' потенките паричници може да добијат нови трагични димензии во Русија. Психијатрите и полицијата предупредуваат дека драстичниот пад на стандардот и безнадежта кај луѓето кои не знаат како да ги вратат кредитите или прехранат семејствата го зголемува бројот на оние кои излезот го гледаат само во самоубиство. Водечкиот руски Институт за психијатрија „В.П. Сербски“ веднаш по Нова година ќе испрати упатства до лекарите во внатрешноста за тоа како да ги лечат лицата кои се во депресија и тешка психолошка ситуација поради економската криза. Професорот Борис Положки предупредува дека бројот на самоубиства поради се' потешката економска ситуација драстично може да се зголеми. Тој потсетува на ситуацијата од деведесеттите години од минатиот век кога Русија изби на второ место во светот по бројот на самоубиства. Во последните пет години ситуацијата почна да се поправа, бидејќи економската состојба во земјата беше прилично добра.
На локалните власти им се предлага да отвораат кабинети за социјалните психијатри кои би им помагале на луѓето во неволја. Во Нижни Новогород во фабриката за автомобили „Газ“, која меѓу другото ги произведуваше автомобилите „волга“, во средата се самоуби вршителот на должноста директор на кадровската служба, Анатолиј Емелин. Во Челјабинск се самоуби млад работник кој имал само 25 години. Тој паднал во депресија, бидејќи не можел да го врати кредитот што го зел за купување на автомобилот. Во Челјабинската област од слични причини самоубиство извршиле шест лица.
Според пишувањата на московските весници, и полицијата добила инструкции како да се однесува во средините каде што ќе почнат протести предизвикани од отпуштања од работа или недобивање плата. Заменик- министерот за внатрешни работи на Русија, генералот Михаил Суходолски, отворено предупреди дека се' полошата економска ситуација може да го зголеми растот на криминалот и бројот на нереди во земјата.
Веднаш се огласија лидерите на помалите опозициони партии. Конзервативниот писател и лидер на национал-болшевиците, Едуард Лимонов, тврди дека милицијата нема право да ги спречува протестите на граѓаните. Еден од лидерите на опозиционото движење „Солидарност“, Владимир Милов, изјави дека опозиционерите се свесни дека власта жестоко ќе реагира на сите демонстрации.
Член на рускиот парламент, комунистот Виктор Илјухин тврди дека телевизијата и радиото премолчуваат дека во индустриските градови каде масовно се делат откази веќе има демонстрации. Илјухин најави дека незадоволството ќе биде уште поголемо кога на почетокот од следната година граѓаните ќе добиваат нови сметки за поскапување на комуналиите.
Во Сибир, во Магнетогорск во тамошниот голем металургиски комбинат во послените три месеци без работа останале 3.800 луѓе. Наскоро се очекува бројката на вработени да се намали за уште 1.000.Во Челјабинската област од јануари ќе престане со работа „Јужно-уралскиот завод за машиноградба“. Без работа ќе останат околу 600 лица.
Во Комитетот за безбедност при руската Дума велат дека властите сериозно се загрижени од порастот на криминалот поради зголемениот број невработени.
|