Кина испрати воени бродови против сомалиските пирати
Два разурнувачи и брод со залихи ќе им се приклучат на воените бродови од други држави
ПЕКИНГ - Три кинески воени брода се упатија кон водите во близина на Сомалија за да ги заштитат кинеските бродови од пиратски напади. Два разурнувачи и брод со залихи го напуштија пристаништето во Санја на островот Хаинан за да им се приклучат на воените бродови од други држави кои веќе патролираат во областа. Ова ќе биде прва операција на кинеската морнарица надвор од Пацификот. Годинава се случија повеќе од сто пиратски напади во близина на брегот на Сомалија и во Аденскиот Залив, кој е еден од најпрометните поморски линии. Во четвртокот германската морнарица соопштија дека осуетила обид на пирати да киднапираат египетски товарен брод во близина на Сомалија. Шесте сомалиски пирати биле заробени од морнарите на фрегатата „Карлсруе“ во Аденскиот Залив. Меѓутоа, пиратите веднаш биле ослободени по наредба на германските власти, изјавија официјални лица. Јапонскиот премиер, исто така, посочи дека неговата земја ја разгледува можноста за испраќање бродови кои ќе помогнат во борбата против пиратството. „Секоја држава презема мерки. Така, и Јапонија треба да преземе некои чекори“, изјави Таро Асо.
Командантот на Јужноморската кинеска флота, контра-адмиралот Ду Џингчен, изјави дека луѓето под негова команда се подготвени за комплицирана и долга мисија. „Актите на пиратство во Аденскиот Залив и крајбрежните води на Сомалија се' се понезадржливи од почетокот на оваа година, претставувајќи сериозна опасност за безбедноста на бродовите и припадниците на многу земји, вклучувајќи ја и Кина“, изјави Хуанг Ксуепинг, портпарол на кинеското Министерство за одбрана. „Настрана од ова, пиратите исто така претставуваат закана и за бродовите со кои се доставува хуманитарна помош за Сомалија од меѓународните организации. Пиратството стана меѓународно зло“.
Кинеската армија соопшти дека годинава се случиле седум напади врз кинески бродови во таа област. Уште се додава дека нејзините припадници ќе се качат и извршат инспекција во сомнителни пиратски бродови, во обид да ги спасат оние кои се нападнати и ќе пружат жестока одбрана ако и тие станат цел на напад. Меѓутоа, официјални лица од Министерството за одбрана инсистираат на тоа дека нема промени во кинеската доктрина на немешање во внатрешните работи на други земји, јави дописникот на Би-Би-Си во Пекинг. Кинезите ќе соработуваат со другите припадници на меѓународните борбени единици во таа област. (Би-Би-Си) |