Дедо Мраз уби осум лица на божикна прослава во Лос Анџелес
Убиецот влегол во куќата на својата поранешна сопруга и отворил оган врз гостите на прославата
ЛОС АНЏЕЛЕС - Најмалку осум лица загинаа кога лице облечено како Дедо Мраз влегло во куќата на својата поранешна сопруга во Лос Анџелес и отворило оган врз гостите на прославата по повод Бадник, а потоа ја запалило куќата, јави полицијата. Брус Џефри Пардо (45), единствениот осомничен за убиството во Ковина, Калифорнија, подоцна извршил самоубиство, а неговото тело беше пронајдено во куќата на роднините во Силмар, јави полицијата. Осомничениот, кој носел најмалку два пиштола и рачно изработена запалива направа, почнал да пука кога влегол во куќата, јави поручникот Пет Бјукенен од полицискиот оддел во Ковина. Куќата, во сопственост на родителите на поранешната сопруга на Пардо, била запалена во текот на престрелките и била во пламен кога пристигнала полицијата. „Досега е потврдено дека загинаа шест лица. Тие се' уште не се идентификувани. Тие се премногу изгорени и ќе треба да се идентификуваат според дентален материјал“, рече Бјукенен.
Полицијата јави дека не знае колку од жртвите загинале од оружени повреди или од пожар. Пардо и неговата сопруга неодамна минале низ тежок развод по една година брак, јави полицијата. „Тој починал од самоубиствени повреди. Веруваме дека станува збор за брачен спор“, вели Бјукенен. Две лица беа повредени од оружен оган, 8-годишно девојче кое ја отворило вратата и било застрелано во лице, и 16-годишно девојче кое било застрелано во грбот кога гостите бегале од куќата. Некои скокале од прозорците на вториот кат. Повредите на двете девојчиња не се сметаат за сериозни за здравјето. Сведоците меѓу 25-те лица кои присуствуваа на божикната прослава јавија за полицијата дека Пардо го соблекол костумот на Дедо Мраз по убиството и побегнал. (Ројтерс)
|