Списокот на Путин за спасување
Руската влада направи список од 293 компании на кои има намера да им фрли „појаси за спасување“ од кризата
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Руската влада на чело со Владимир Путин направи список од 293 компании на кои има намера да им фрли „појаси за спасување“, т.е. на разни начини да им помогне да ја пребродат кризата и нормално да продолжат со работа. Предност добија компаниите кои вработуваат повеќе од 5.000 луѓе и имаат промет поголем од 15 милијарди рубли, како и оние од чиешто работење зависи судбината на цел еден град, па и област.
„Во Русија има 460 градови кои никнаа покрај големи индустриски објекти“, вели Булат Столаров, директор на Институтот за регионална политика. Тој објаснува дека судбината на тие градови зависи од фабриките и комбинатите во кои работат голем број луѓе.
Меѓу оние кои ќе добиваат помош се и научно-производственото здружение „Сатурн“ во кое се произведуваат ракетни мотори, потоа „Уралвагонзавод“, руски произведувач на модерни тенкови.
Во почетокот се зборуваше дека на тој список ќе се најдат 300 до 400 компании. Подоцна бројот беше намалуван. Меѓу стратегиските компании кои ќе добиваат помош се: „Транснефт“, која се занимава со градба и одржување, како и експлоатација на нафтоводи, потоа „Руска железница“ и уште неколку транспортни компании. Помош ќе добијат и бродарите, како и бродоградилиштата.
На списокот се најдоа 30 транспортни организации, потоа десет кои се занимаваат со нафта и гас, пет од областа на машиноградбата, дури 34 од прехранбената индустрија и агрокомплексот, како и шест градежни компании. Интересно е дека меѓу приоритетните компании во повластена положба ќе бидат и државните ТВ-канали, како и оној што емитува програма за странство - Русија денес, како и две новински агенции Итар-ТАСС и Риа новости.
Оние компании што се најдоа на списокот на Путин ќе добиваат олеснувања околу кредитите, но за произведувачите најважно е тоа што државата ќе им го порачува производството, што значи дека ќе имаат загарантиран купувач. Тоа не значи дека ќе може да ги „пумпаат“ цените туку им е дадена шанса да преживеат до доаѓање на подобри времиња. Владата за тоа има пари и тие се наоѓаат во државниот резервен фонд.
Путинов „појас за спасување“ побараа и сопствениците на големи синџири самопослуги, меѓу кои е и „Седми континент“ каде што купуваат оние со подлабоки џебови, но владата не ги прифати нивните барања. Не се овистинија сомнежите дека руските девизни резерви брзо ќе се стопат по драстичниот пад на цената на нафтата. Поради порастот на вредноста на еврото кон доларот резервите на хартија дури и пораснаа. Имено, Русија своите девизни резерви ги држи половина во долари, половина во евра, и нешто малку во фунти и јапонски јени. Поради јакнењето на вредноста на еврото, изгледа дека Русија ги зголеми своите девизни резерви кои се пресметуваат во долари во последната недела за 15,4 милијарди долари. Сега тие вкупно изнесуваат 450 милијарди долари. Рускиот рекорд беше кон крајот на јули годинава кога девизните резерви изнесуваа околу 500 милијарди долари. |