Србија уапси девет поранешни борци на ОВК
БЕЛГРАД - Србија вчера уапси девет поранешни герилски борци од Косово, осомничени за инволвираност во убиства и киднапирање во српската покраина Косово во 1999 година, јави канцеларијата на обвинителот за воени злосторства. „Од јуни до октомври 1999 година тие биле инволвирани во најмалку 51 убиство и 159 киднапирања во градот Гњилане на Косово“, рече Бруно Векариќ, портпарол на српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ. Векариќ рече дека уапсените се осомничени за измачување, ограбување и силување српски и несрпски цивили на три локации во Гњилане во близина на границата со Србија. „Сите беа членови на ослободителната војска на Косово (ОВК)“, рече тој.
Деветтемина беа уапсени во јужниот српски град Прешево во близина на границата со Косово. Во тој регион имаше бунт на етничките Албанци во 2001 година. „Акцијата ја планиравме во последните четири месеци“, рече Векариќ, додавајќи дека некои од уапсените не живееле во Србија, туку дошле да ги минат новогодишните празници со роднините. (Ројтерс) |